Конечно добри вести – Мечевска е надвор од животна опасност

Одлични вести доаѓаат од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) околу состојбата на македонската ракометна репрезентативка Робертина Мечевска. Како што информира “Утрински весник”, Мечевска е надвор од животна опасност, а последниве денови е во свесна, стабилна состојба, исклучена и од апаратите за дишење.

“Не е повеќе животно загрозена, а во петок се планира хируршка интервенција, да се интервенира на лумбалниот дел од ’рбетот. Дише спонтано, свесна е и без невролошки испади. Работите засега одат кон подобро, но секако мора да бидеме до крај внимателни” – истакнал д-р Сашо Поповски, од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, за “Утрински весник”.

Македонската ракометарка пред две недели падна од петтиот кат од својот дом, здобивајќи се со тешки повреди. Но, ситуацијата од ден на ден се подобруваше, па сега веќе се очекува значително да оди во позитивен правец. Сепак, јасно е дека лекувањето ќе биде долготрајно со оглед на тешките повреди на градниот кош, белите дробови, црниот дроб и ’рбетниот столб.