Конечно, и Македонија ќе игра улога во глобалниот финансиски пазар

Објективно, треба да и се честита на Владата на Република Македонија за иницијативата за формирање на слободна финансиска зона. Чекорот е умешен, визионерски и пред се’ во интерес на државата и економскиот просперитет на нејзините граѓани. Сите спротивставувања против оваа мерка во текот на јавната расправа и посебно оние кои доаѓаат од квази-експертската јавност (така сме приморани да ја наречеме бидејќи, во најголема мера, гласноговорниците во однос на ова прашање не се експерти, ниту познавачи на оваа специфична област) се чиста рефлексија на потребата за критика на било која иницијатива САМО ЗАТОА што е предложена од актуелната власт.

Длабоко сум убеден дека било кој од критичарите по ова прашње не ја гледа целисходноста на оваа сериозна композитна политика, како поткрепа на нашиот забрзан економски развој. Најмногу од се’ пречи фактот што меѓу најгласните опоненти се оние кои преку обезвредувањето на општествениот капитал и нереалните проценки на вредноста на истиот, ја спроведоа болната инсајдерска приватизација, и ја имплодираа националната економија на Република Македонија. Носечки карактеристики на процесот на приватизација во Република Македонија беа користењето на контролниот пакет на акции од страна на менаџментот преку притисоци врз вработените и откуп на нивните акции најчесто во изност под нивната номинална вредност, како и користењето на огромните попусти при стекнувањето на акции. Ваквиот процес, влијаеше на внатрешното рушење на домашната економија, создавањето на неповолен економски амбиент во државата, висок некомерцијален ризик за било каков облик на инвестирање и висока стапка на невработеност, што во целина не принудија излезот за решавање на наведените горливи прашања да го бараме во создавање на што е можно поповолни услови за привлекување на странски директни инвестиции. Жално е што предизвикувачите на ваквата состојба токму денеска најфрекветно се спротивставуваат на тој процес.

Во оваа денешна Македонија имаме нов ков на политичари – политичари кои знаат да препознаат што е добро и да создадат иновативни политики кои конечно по многу изминати и изгубени години внесуваат нова додадена вредност. Токму тука ја лоцираме и идејата за создавање на слободна финансиска зона во Република Македонија. Неспорно е дека сите глобални финансиски центри како што се Њујорк, Луксембург, Лондон и Дубаи се градови каде што просперитетот никогаш не бил ставен во знак прашање, а нивни носечки карактеристики се забрзаниот економски и демографски развој. Во овие примери, корелацијата помеѓу поимот финансиски центар и поимот раст е јасна и недвосмислена. Уставната регулација на оваа зона ќе и дозволи на Владата на Република Македонија да создаде законодавна рамка преку која ќе ја направи нашата зона примамлива за глобални финасиски корпорации. Ваквите зони во праксата работат како интегрален дел од многу уникатна регулаторна рамка, која функционира како таква со цел да има плодна средина за развој на деловни активности за корпорации од финансискиот сектор. Практично, ова ќе значи дека ќе се создадат повеќе нови закони или еден законик од областа на трговското право, што ќе треба да ги регулира прашања од областа на компаниското право, облигационото право, арбитражното право, анти-монополското право, итн. Оваа нова правна рамка, која секако ќе има важност само во финансиската зона, е основниот и круцијален чекор кон носење на реномирани корпорации од финансискиот сектор (тука секако мислиме на банки, осигурителни друштва, различни форми на инвестициски фондови, итн.), но за да таа биде операционализирана како што е потребно неспорно е дека мора да биде уставна категорија. Тоа е така, бидејќи МОРА да се определи местото на овие закони (или законик) во системот на правната хиерархија.

Токму со таков модел на регулација, кој многу успешно е веќе реализиран во Дубајскиот меѓународен финасиски центар, меѓу другите, наскоро можеме да очекуваме дека во Републиика Македонија работодавците најверајатно ќе бидат финансиски корпорации како што се Citibank, JP Morgan Chase, BNP Paribas, Credit Suisse, како и други финансиски корпорации кои работат согласно највисоките стандарди за корпоративна култура и корпоративна етика, а не финансиски институции кои бараат нова off-shore дестинација. Несомнено е дека според највисоките глобални стандарди, во Република Македонија ќе се создаде паралелно законодавство, кое ќе го регулира работењето на овие корпорации од финансискиот сектор. Ние не измислуваме топла вода, но ја имаме среќата да бидеме сведоци на една политика која ќе донесе директен бенефит за нашата економија.

Задачата која ќе биде поставена пред нашата Влада е донесувањето на квалитативно добри норми кои што ќе се стремат да создадат зона која ќе биде бренд сама по себе. Во овој контекст, ќе треба да се изгради платформа насочена кон специфичен вид инвеститори. Сепак, судејќи од досега сработеното од страна на македонската Владата имам поставени високи очекувања, и затоа уште еднаш предвидувам дека во наша близина наскоро ќе гледаме отварање на претставништва на најпознатите глобални финансиски корпорации.

Сите сме сведоци на огромните напори кои ги вложува Владата на Република Македонија по 2006 година во насока на привлекување на странски директни инвестиции и на политиката која води до создавање на илијадници нови работни места кои се релативно добро платени и каде што вработените го поминуваат својот работен ден во современо изградена работна средина. За секој инвеститор кој што Владата го убедила да инвестира во Република Македонија постојат уште десет потенцијални инвеститори коишто можеби во овој момент сеуште не ја донеле својата финална одлука да ги прошираат своите капацитети во нашата земја, но кога ќе го слушнат зборот Македонија се сигурни дека се работи за земја која нуди квалитетна подлога за ширење на претпримачки потфат. Затоа, сум убеден дека нашата Влада ќе работи со исто силен интензитет за привлекување на финансиски корпорации кои ќе обезбедат голем број работни места за високообразован кадар и ќе ја претворат нашата земја во Луксембург на Југо-источна Европа. Овој регион нема финансиски hub, и фактот што тоа е преопознаено е за пофалби.

Имајќи ги во предвид досегашните остварувања на нашата Влада, реално е и очекувано да бидеме опкружени со силен оптимизам и верување дека реализација на идните иницијативи и започнати проекти ќе бидат целосно исполнети и ќе ни донесат засилен економски развој и просперитет!

Авторот е докторант и соработник на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.