Конечно победа за “црвените ѓаволи”

За првпат сезонава причина за радост имаа и навивачите на Манчестер Јунајтед, откако нивниот тим славеше со убедливи 4-0 против тимот на КПР.

Одличен меч одиграа летните засилувања Анхел ди Марија и Андер Ерера, а и двајцата се запишаа во листата на стрелците, за првпат во дресот на Манчестер јунајтед. Руни и Мата со по еден гол само ја потврдија првата победа во шампионатот на англискиот гигант.

Веднаш по натпреварот, тренерот на Манчестер Јунајтед, Луи ван Гал, изјави дека со овој меч започнала сезоната за неговата екипа.

„Задоволен сум и од резултатот и од играта. Доминиравме на теренот, ја контролиравме топката и исправивме голем дел од грешките, кои што беа направени на претходите средби. Ќе го анализираме овој меч добро, но задоволен сум, иако уште сега сум свесен дека можеме и подобро“, изјави ван Гал.