Конечно, постигнат договор за излез од кризата во Украина?

Украинскиот претседател Виктор Јанукович и лидерите на опозицијата денеска во присуство на европските посредници потпишаа договор за излез од политичката криза, пренесува МИА

На потпишувањето на договорот присуствуваат министрите за надворешни работи на Полска и на Германија, Радослав Шикорски и Франк Валтер Штајнмаер, како и шефот за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи Ерик Фурние.

Договорот предвидува предвремени претседателски избори, формирање на коалициска влада и промена на уставот.

Се очекува во рок од 48 часа од потпишувањето на договорот да се изготви првична верзија на новиот устав со кој ќе се ограничат претседателски овластување, како и во тој рок да се состави нова влада. Уставните реформи треба да бидат завршени до септември, а предвремените претседателски избори да се одржат веднаш по усвојувањето на новиот устав, но не подоцна од декември.

Договорот предвидува демонстрантите да се повлечат од улиците и административните згради, кои ги заземаа за време на кризата и да го предадат илегалното оружје. Безбедносните сили да отстапат од линиите на конфронтација, а употребна на сила ќе им биде дозволена само за заштита на административните згради.

Договорена е и заедничка истрага за настаните, во која ќе бидат вклучени властите, опозицијата и претставници на Европскиот совет.