Конечно решение за проблемот со водата за пиење во Неготино

Презентација на проектот „Хидраулично регулирање на притисокот на водата за пиење“ денеска беше одржана во општина Неготино.

Свое излагање имаше градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов.

– Општина Неготино веќе долги години се соочува со проблемот на водоснабдувањето. Дел од проектите за решавање на овој проблем веќе ги спроведовме, некои ги имплементираме, а некои се предвидени и за реализација во 2015 /2016 година. Најголем акцент сакам да ставам на проектот „Хидрауличното регулирање на притисокот на водата за пиење“ бидејќи првенствено сметав дека општина Неготино нема доволна количина на вода бидејќи, но од тоа цело излезе дека Неготино има вода за два такви градови. Затоа во консултации со неколку стручни лица дојдов до сознание дека пред да ја направиме реконструкцијата на водоводната мрежа бидејќи е доста руинирана и констатирани се загуби некаде 70 проценти, потребно е да го пронајдиме точките каде најмногу се губи водата. Така успеав да стапам во контакт со Горан Дуниќ, сопственик на ИМГД, Самобор, Хрватска, истакна Апостолов.

Тој додаде дека имплементацијата на проектот е во крајна фаза и потенцира дека резултатите се веќе видливи. Воедно истакна дека во Неготино повеќе нема да има редукција на вода и дека градот ќе има 24-часовно снабдување.

-По завршувањето на овој проект ќе пристапиме кон реконструкција на водоводната мрежа за која веќе има потпишано договор со Светска банка. Од месец април ќе се имплементира овој проект, а заедно во соработка со ЈП „Комуналец“ Неготино се заменуваат водомерите секаде каде што нема, за да може да се контролира и фактурира водата во Неготино и со тоа да ја подобриме состојбата, додаде Апостолов.

voda1

За значењето и спроведувањето на проектот говореше и сопственикот на фирмата ИМГД од Самобор, Хрватска, Горан Дуниќ.

-Она нешто на што работиме е не надоместливо. Значи сите наши зборови, се она што се случува е нешто што мора да го направи подобар животот на луѓето. Ова е многу сложен проблем и не ни малку лесен, бидејќи не се работи за тоа само да ја отворите чешмата и протече вода. Тоа е многу голем проблем и мора да обезбедиме да имаме здравствено исправна вода, истакна Дуниќ.

Тој додаде дека ова за прв пат се применува во Македонија, но потенцира дека е спроведено во многу земји во светот.

– Секој систем за водоснабдување е различен и потребно е прво да се проучи, а потоа да се делува. Она што всушност го применивме овде е вградување на уреди преку кои ги утврдуваме проблемите кои настануваат и ја откриваме точната локација каде се случуваат, истакна Дуниќ.

За ефектите и придобивките од реализацијата на овој проект на територијата на Неготино презентираше и директорката на ЈП „ Комуналец “, Наташа Лазова.