Конференција „Microsoft Визија: Reloaded“

мајкрософт

Генералниот директор на Multicountry регионот во Мајкрософт, кој опфаќа 15 земји од Централна и Источна Европа, Мајкл Когелер порача на отворањето на конференцијата дека во моментот кога ќе сфатите оти нешто се менува веќе доцните.

Многу сум импресиониран од напредокот што го направила земјава во сите полиња. Сметам дека постојат големи можности за Мајкрософт да работи  заедно со компаниите за да ја доведеме Македонија на следното ниво. Имав неколку состаноци со претставници на Владата на кои разговаравме за моделот на партнерство и соработка, изјави Когелер.

Тој нагласи дека смета оти многу големи идеи потекнуваат од регионов.

Светот се менува многу и брзо и додека сфатите дека нешто се сменило вие веќе доцните. Мајкрософт како провајдер на технологија заедно со вашите големи идеи или големите идеи на вашите компании може да ја промени иднината, исто така, и во Македонија, рече Когелер.

Љупчо Георгиев, директор на Мајкрософт Македонија и Косово истакна дека во денешно време се се дигитализира.

Мајкрософт во пресрет на новото време е ориентиран како да се доближи до партнерите и клиентите и како да им помогне заедно да изградат решенија за да бидат што е можно попродуктивни и поефикасни и да се прилагодат на новите трендови кои доаѓаат секаде во светот, рече Георгиев.

Тој посочи  дека дигитализацијата во светот се повеќе зема замаф, а полека влегува и во Македонија.

Ако се направи споредба во однос на другите земји мислам дека како секогаш кај нас има некој застој, но ќе се трудиме да биде што е можно пократок и нашите компании да фатат место во глобализацијата. Самата дигитализација претставува приспособување на компаниите во глобалниот свет, потенцира Георгиев.

Американскиот амбасадор Џес Бајли посочи дека дигиталната економија и технологија не е резултат  на случајност, туку на работа на многу иноватори каков што е и Бил Гејтс кој го создаде Мајкрософт.

Улогата на Владите е да создаваат околина за дигитализација, а од моето двегодишно искуство во земјава можам да кажам дека Македонија многу направила на тоа поле, но секако има можности за подобрување, рече Бејли.

Тој нагласи дека е неопходно вратите за дигитализацијата да останат отворени, да се заштити приватноста на интернет и да се отворат можностите за сите за поврзување во глобални рамки.

Ако земјите создадат граници за дигитализацијата ќе ја загубат креативноста и иновативноста на бизнисите, а со тоа ќе нема раст на економијата и отворање нови работни места, потенцира Бејли.

Како пример за дигитализацијата и достапноста на информациите на глобално ниво ги посочи претседателските избори во САД за кои рече дека од Македонија можел да се регистира, да гласа и цело време да биде информиран за изборната кампања и за преборјувањето на гласовите токму преку интеренетот и мобилната телефонија.

Учесниците на конференцијата имаат можност да чујат педесетина предавања од професионалци во ИТ индустријата, како и да учествуваат во дискусии и панели. Една од главните теми е Дигиталната трансормација на бизнисите, односно како да се направи повеќе со помалку.

Мајкрософт Македонија во соработка со Цертиадриа ќе обзебеди и бесплатни ваучери за 30 кандидати вработени во јавната администрација да можат на самото место да го полагаат испитот Microsoft Office Specialist.