Конференција „Сертификација на општини со поволно деловно опкружување во ЈИЕ“

Во Скопје денеска ќе се одржи втората Национална конференција „Сертификација на општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа“, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и Заедница на единиците на локална самоуправа на Република Македонија.

На конференцијата четири нови општини Прилеп, Гази Баба, Богданци и Град Скопје ќе потпишат договори, со што и официјално ќе го започнат процесот на сертификација.

Сертифицираните општини имаат предност во привлекување на домашни и странски инвестиции, пред останатите.

Претседателите на ССК и ЗЕЛС, заменик-министерот за локална самоуправа, истакнати бизнисмени, градоначалници, локални власти од земјата и регионот ќе дискутираат за предизвиците на локалниот економски развој и улогата на локалните власти во Југоисточна Европа.

Општините Струмица и Велес се првите кои го добија сертификатот за поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа.