Конференција во Берлин за помош на сириските бегалци

Германската влада денеска е домаќин на меѓународна конференција во Берлин, каде земји донатори и пратеници од Јордан, Либан и Турција ќе разговараат како да се помогне на сириските бегалци пред претстојната зима, објави МИА.

Во пресрет на конференцијата канцеларката на Германија Ангела Меркел синоќа изрази надеж дека конференцијата ќе испрати силен сигнал за солидарност.

Германија бара ЕУ да додели средства за помош на милиони сириски бегалци, наведува ДПА.

Германскиот министер за економска соработка и развој Герд Мулер изјави дека во моментот се одвива една од најголемите катастрофи на векот и дека ќе страдаат многу луѓе, ако не се преземат итни и решителни дополнителни дејствија.

Според него за таа цел може да бидат доделени милијарда евра од сегашниот буџет на ЕУ.

Над 50 хуманитарни организации излегоа со повик во Берлин за зголемување на средствата за Сиријците, како и западните земји да прифатат повеќе од 180.000 од Сириските бегалци. Милиони Сиријци се раселени во самата Сирија или живеат во кампови во близина на границите на земјата.

Според податоците на Службата на ОН за координација на хуманитарни прашања 3,2 милиони Сиријци избегале во странство, а 6,45 милиони се внатрешно раселени.