Конференција за млади лидери

Предизвици и можности за младите денес“ е темата на конференцијата за млади лидери што на иницијатива на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе се одржи денеска во Струга.

Учесници на Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за младите денес“ се претставници на седумте генерации на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов, се одржува од 2010 година.

Предвидено е на отворањето на конференцијата да се обратат претседателот Иванов и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Џес Бејли.

Во изминатите седум години на Школата за млади лидери учествуваа 280 млади луѓе и 167 предавачи од земјава и од странство. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, која низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.

Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за младите денес“ е поддржана и од Фондацијата Алијанса на Цивилизациите.