Конгресот на ЕПП вовед во изборите за Европскиот парламент

Премиерот и лидер на ВМРо-ДПМНЕ,  Никола Груевски, присуствува на 22-от Конгрес на Европската народна партија (ЕПП) што се одржува денеска и утре во Даблин, Република Ирска.

На Конгресот, како што информира МИА, учествуваат 12 шефови на влади на држави од Европската унија и раководството на ЕУ кое доаѓа од Европската народна партија.

Во овие два дена во Даблин ќе се избира претседател на ЕПП и нивен кандидат за претседател на претстојните избори во ЕУ. Во Даблин се присутни 2.000 учесници над 800 делегати.

Во делегацијата која ја предводи Груевски се и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протоѓер, Влатко Ѓорчев и Никола Попоски, како делегати кои имаат право на глас во овој Конгрес.

Конгресот претставува подготовка и е вовед во изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат од 22-25 мај, настан кој ќе ја одбележи оваа 2014 година во ЕУ.

Според аналитичарите, изборот, кој ќе го направи Европската народна партија, за многумина е одлучувачки бидејќи согласно доминантната поддршка, која ја има оваа партија во рамките на земјите на ЕУ, многу веројатно тоа ќе биде и новиот наследник на Жозе Мануел Баросо и иден претседател на Европската комисија.

На денешната пленарна сесија на Конкресот има повеќе точки на дневниот ред меѓу кои и  избор на претседател на ЕПП, дискусија и гласање за Акциската програма 2014-2019 по што ќе следи гласање за повеќе резолуции и декларации.

За попладнево предвидени се обраќања пред присутните на повеќе шефови на држави и влади, меѓу кои и на премиерот Груевски, кој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја претставува Македонија.

Се очекува на Конгресот македонската делегација да оствари контакти и интензивна комуникација со повеќе европски лидери.

Европската народна партија е најголемата политичка партија на европско ниво, со 12 шефови на влади на држави од Европската унија, 13 членови на Европската комисија како и со најбројна група во Европскиот парламент. Таа претставува најголемата и највлијателна политичка партија на повеќе одлучувачки нивоа во ЕУ.

Меѓу присутните на Конгресот во Даблин се и германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот премиер Мариано Рахој, полскиот премиер Доналд Туск, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, како и актуелниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј.