Македонија

Коњаниците од „Илинденски марш“ во понеделник ќе тргнат за Крушево

Коњаниците од „Илинденски марш“ во понеделник ќе тргнат за Крушево

На 27-ми јули во 17 часот од паркот Јане Сандански во Општина Аеродром, која е традиционално покровител на коњичкиот марш, ќе стартува традиционалниот „Илинденски марш“.

Маршот ќе заврши на 2-ри август во Крушево, каде што коњаниците треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.

Со предавање на општинското знаме стартува „Илинденски марш“

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, на коњаниците ќе им го предаде општинското знаме, со што официјално стартува 37-от традиционален коњички марш што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.

Коњаниците од „Илинденски марш“ придружувани од фаланга составена од дваесетина членови, игрaорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, со звуците на зурлите и тапаните ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.

Свечена литургија пред тргнување

Пред свеченото испраќање на коњаниците од Горно Лисиче, кои се на возраст од 15 до 60 години, во црквата „Св. Петар и Павле“ ќе се одржи свечена литургија, на која високи свештеници од Македонската православна црква ќе им дадат благослов на патот кон Крушево.

Пред испраќањето на коњаниците од „Илинденски марш“ ќе се организира свечена музичка програма каде ќе настапат познати македонски естрадни уметници.

Во испраќањето на коњаниците кон Крушево, ќе се вклучи и Општинската организација на Црвен крст „Кисела Вода“, која во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче ќе одржи крводарителска акција.

 

Повеќе фотографии од подготовките на следниот линк.