Коњаниците се подготвуваат за Илинденскиот марш

Деновиве покрај кејот на реката Вардар почнаа интензивни тренинзи на коњаниците како дел од подготовките за претстојниот 36-ти коњички марш по повод македонскиот национален празник Илинден.

„Илинденскиот марш 2014“ што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, на кој ќе учествуваат коњаници од различна возраст, односно од 15 до 60 години, ќе стартува на 27-ми јули од Општина Аеродром, а ќе заврши на 2-ри август во Крушево.

Новина оваа година е тоа што на коњаниците од Скопје, ќе им се придружат коњаници од Свети Николе, од Бигорскиот манастир близу Гостивар и пешадија од Охрид.

Општина Аеродром традиционално го поддржува коњичкиот марш веќе неколку години и ќе продолжи и натаму да ја негува традицијата, бидејќи Илинденскиот марш е најголемата и најзначајната културна манифестација во Аеродром.