Македонија

Коњановски: Годинава санација и изградба на нови хидросистеми

Коњановски: Годинава санација и изградба на нови хидросистеми

Со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП Хидросистем „Стрежево“ Битола наскоро ќе почне реализација на нов инфраструктурен проект вреден 15 милиони денари. Како што најави денеска ресорниот заменик министер  Зоран Коњановски, во постапка се уште два други проекта кои ќе се реализираат исто така со директна владина поддршка.

Според него, годинава, освен рехабилитација, интензивно ќе се врши и санација на системите за водоснабдување, како и изградба на нови за што преку Програмата за рурален развој се предвидени 13,2 милиона евра.

„Владата преку Програмата за рурален развој секоја година одвојува финансиска поддршка за водостопанствата, за јавните претпријатија што дистрибуираат вода преку системите за наводнување. Свесни сме дека секоја година поддршката треба да биде се поголема, бидејќи има застарени системи на кои им е неопходно одржување, но во исто време треба да бидеме свесни дека потребни се средства и за изградба на нови системи“, изјави Коњановски по посетата на „Стрежево“, пренесе МИА.

Првиот проект ќе се реализира во општина Битола, во непосредна близина на населеното место Логоварди каде ќе биде извршена замена на стариот цевковод со нов за што се веќе обезбедени 15 милиони денари.

„На овој начин директно му помагаме на јавното претпријатие, но индиректно и на земјоделците. Помошта на јавните водостопански претпријатија, не само на „Стрежево“, туку и на другите во државата, се врши преку контакти со нив, детектирање на приоритетните проекти и нивна поддршка од програмата за рурален развој со цел да имаме посигурни системи за водоснабдување и позадоволни земјоделци“, рече Коњановски.

Замената на стариот со нов цевковод во непосредна близина на Логоварди ќе почне наскоро, со подобрувањето на временските услови.

„Цевководот кој 24 часа е под притисок и склон на чести дефекти ќе биде сменет со нови, квалитетни цевки. Со оваа интервенција на цевководот во должина од 500 метри ќе се обезбеди поефикасно функционирање на системот. Промената на цевководот е неопходна бидејќи досегашните челични цевки се оштетени од киселоста на земјиштето, а повремените дефекти предизвикуваа поплави и штети на земјоделските површини. Со ова воедно ќе се овозможи заштеда и избегнување непотребни трошоци на претпријатието“, нагласи генералниот директор на „Стрежево“ Марјан Ѓероски.