Коњановски: Вработените во ЕЛЕМ и РЕК Битола се директни жртви на партизацијата на СДСМ

Владејачката партија се однесува со институциите како да е нивна приватна сопственост, поради што вработените во ЕЛЕМ и РЕК Битола се директни жртви на партизацијата од страна на СДСМ при што откази им се врачени на повеќе од 300 лица, изјави во саботата Тони Коњановски на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Коњановски посочи дека раководството на РЕК Битола деновиве на најгруб начин удрило и врз вработените во претпријатието и оти во изминатиот период на над 300 вработени им се доставени одлуки за откажување на договор за вработување со понуда за склучување на нов променет договор за вработување.

„Со овие нови решенија се врши деградирање на вработените, нивна прераспределба на несоодветни работни места кои не одговараат на професионалниот профил на вработените, т.е. работни места пониски за неколку скалила“, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Коњановски го повика раководството на РЕК да ѝ одговори на јавноста, дали е вистина дека вработените добиваат под принуда одлуки за промена на работните места без никакво образложение за деловните причини поради кои дошло до тие одлуки?

Обвини притоа дека СДСМ се однесува со институциите како своја приватна сопственост и оти спроведува политички реваншизам при што е деградиран секој неистомисленик на власта.

„Со ваквите постапки сведоци сме на грубо кршење на процедурите и непочитување на Законот за работни односи и колективниот договор. Го прашуваме новото раководство на РЕК Битола, дали овие притисоци се политички мотивирани за пресметка со нивнитенеистомисленици и дали ова е ‘животот за сите’ кој СДСМ го ветуваше за време на изборната кампања. Ветуваа живот, а донесоа страв и несигурност кај граѓаните“, заклучи Коњановски.