Конкурс за најдобра фото сторија за животната средина

Од денеска почнува конкурсот на тема „Еко совест на општеството“ што го објавува невладината организација „4х4х4 Балкански мостови“ во соработка со „Пакомак“ и „Нула отпад“.

Конкурсот ќе трае до 1 септември и на него ќе може да се пријават сите новинари и фоторепортери од печатените и електронските медиуми кои ќе достават оргинално објавен новинарски текст со фотографии во кој се актуелизира граѓанското и институционалното невнимание кон животната средина.

Пријавените фото стории ќе бидат оценети од стручна жири комисија составена од претставници на организаторите, Министерството за животна средина и просторно планирање, од медиумите и од невладините организации.

Добитниците ќе бидат објавени на 19 септември кога почнува Светската еколошка кампања „Да го исчистиме светот“. За првото место предвидена е награда од 25 илјади денари, за второто 15 илјади и 10 илјади денари за третото место. За медиумот кој ќе биде избран дека дал значителен придонес во информирањето на јавноста за темите од екологијата и човековата околина, ќе биде обезбедена опрема за сепарирање на отпад што ќе ја донираат „Пакомак“ и „Нула отпад“.

На 19 септември, кога ќе бидат прогласени победниците, планирано е да биде отворена и изложба на сите пријавени стории и фотографии. Изложбата ќе има патувачки карактер и низ повеќе градови во државата.