Колумни

Консензус или понатамошно спротивставување, изборот е наш!

Консензус или понатамошно спротивставување, изборот е наш!

Што е Скопје 2014? Што тој проект претставува за секој од нас?

Кога си ги поставувам овие две прашања, прво што ми доаѓа на ум е сликата од локациите каде што денес се сместени Археолошкиот музеј, Музејот на Македонската Револуционерна Борба, новото Министерство за надворешни работи и сите други објекти, кои сега го красат нашето централно градско подрачје. Се сеќавам на празнината која што ја имаше, на нечистотијата, на несредениот кеј на Вардар и на сите негативни појави, кои заради таа несреденост виреаа во центарот на нашата метропола.

На убавините на Лисабон, Рим како и разните градови во Сицилија сите се восхитуваме, а зошто тоа да не биде така и со сличниот концепт во нашиот главен град.

Дали на око се поубави градбите на Скопската железница и Народната Банка?

Јас го сакам ова Скопје бидејќи има своја душа, бидејќи има концепт. Ова ново Скопје нуди прекрасен театар, нови музеи и ред други активности кои, конечно, ја враќаат и издигнуваат архитектурата и културата во градот.

Моја желба е да може да се постигне консензус околу прашањето на проектот „Скопје 2014“, кое постојано се наметнува со својата актуелност, но и околу кое мнозинството граѓани на Република Македонија имаат изградено позитивен став. Барем досега неспорно е дека дел од реализираните проекти го оправдаа своето постоење, и  секако имаа позитивно влијание во однос на генералната перцепција за ликот на главниот град, а со тоа и на  Република Македонија. Во моментот на нивната изградба, познати архитехноски градби како што се Ајфеловата кула, Музејот Гугенхајм, Flatiron зградата во Њујорк како и Вашингтонскиот монумент имале разни спротивставувања, но денес тие се очигледно силни одбележја на градовите во кои што тие се наоѓаат.

Опишувајќи ги позитивните придобивки како одлично решение, може да се тргне од зградата на Министерството за надворешни работи, чии вработени претходно физички беа сместени во три различни објекти за кои се плаќаа закупнини, но секако и потребата од постоење на соодветна репрезентативна институција во која и преку која се одвиваат редица на посети и важни настани. Во овој момент македонската дипломатија, кремот на нашата администрација, е сместена во еден прекрасен објект на кејот Вардар кој е грандиозен однадвор, а репрезентативен одвнатре. Секој што ја посетил централната зграда на старото МНР, сместено на улица Даме Груев, знае дека локацијата која беше меѓу првите што ја посетуваа многу врвни светски државници и лидери беше далеку од пристојна.

Двата музеи покрај својата општествена и историска вредност се, и понатаму ќе бидат вистинска атракција за странските посетителите на државата и градот, а  секако непосредно ќе влијаат и кон растот на домашниот БДП.

Конечно имаме и театар кој плени со својата убавина и во кој нашите културни дејци ќе имаат можности на дело да ги манифестираат и развиваат своите таленти и на најубав можен начин да се претстават пред домашната и странската публика, кратко речено, создаден е дом за вистинска културна репрезентација. Среќен сум што во Скопје сега можам да одам на тетарска претстава во Македонскиот народен театар, кој со својот изглед и со технички можности е институција која се носи рамо до рамо со најпознатите театари на овој контитент. Скопје од оваа сабота е, исто така, официјално и дом на врвен Археолошки музеј кој со своите експонати ќе претставува дострел за сите љубители на археологијата. Во Скопје сега има музеј кој на секој посетител му ја раскажува сликата за борбата која нашите предци ја воделе за да стигнеме до оваа фаза на државност и независнот. Во Скопје, конечно, има динамичен културолошки живот кој тек ќе се надградува во рамките на овој проект.

Големиот број на споменици на значајни херои од македонската и светската историја кои дополнително го потврдуваат нашето постоење, цивилизациските вредности, но и нашето минато, заедничко минато со државите од регионот, силната почит кон  вековните вредности, обичаи и личности кои овозможија да ја уживаме денешната слобода и мир и ни помагаат во создавањето на визијата за иднината.

Секако има уште редица други бенефити кои се вклопуваат во целиот мозаик на позитивни вредности, а кои силно придонесуваат да продолжиме со изградбата на ова наше мултиетничко и мултиконфесионално општество. Истовремено конечно се разбиени и повеќето од дилемите, за тоа на што ќе личи градот и дали проектот беше оправдан или не. Градот токму сега е прекрасен, а за тоа дали беше оправдан или не проектот „Скопје 2014“, веќе имаме сериозни показатели кои укажуваат дека на македонските граѓаните сега градот им се допаѓа многу повеќе отколку пред десет години, дека кога туристите пристигнуваат имаат што да видат, да понесат силни впечатоци од европска метропола, и да има каде да застанат и да направат барем неколку фотографии.

Да не заборавиме дека Македонија е чест домаќин на поголем број странски државници, разни политички, економски и научни претставници, кои би сакале да понесат барем некој впечаток од земјата која има висока почит кон историските, културните, традиционални и обичајни вредности. Верувам дека сакаме надворешните претставници покрај остварените официјални и работни агенди да бидат во можност да го видат она што е очигледно и што секако  може да ги збогати нивните сознанија и позитивни впечатоците од РМ, а тоа со реализацијата на проектот „Скопје 2014“ веќе е и реално возможно.

На тој што сака да го мери овој проект му го предлагам следното: било која вечер движете се на кај центар од Илиндеска спрема мостото Гоце Делчев и погледнете на вашата десна страна. Глетката е неповторлива. Нашето Скопје сега е град со свој имиџ, град на кој што ние можеме да се гордееме, а на кој што сите туристи можам да се диват.

Без економските, културните и историски дела на сегашните генерации, не само што нема да можеме да ги достигнеме соништата на нашите претци, туку однапред ќе ги уништиме и перспективите на идните генерации. Токму затоа повикувам на конзенсуз околу она што е и треба да биде подалеку од политичката корист на едниот или поразот на другиот, а ќе биде поттик за остварување на косензус и во однос на другите прашања кои навлегуваат во сферата на возможниот и повеќе од потребен политички дијалог, потребата од обединување околу реформските процеси кои постојано се одвиваат во сите општествени сфери и секако во градењето на еден единствен став и стратегија околу исклучително важното прашање кое е поврзано со зачувувањето на нашиот идентитет, на националните,  јазични, културни и духовни вредности.

Авторот е докторант и соработник на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје