Конститутивна седница на Советот за безбедност

Денеска, 30.09.2014 година – вторник, во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија се одржа конститутивна седница на Советот за безбедност на Република Македонија.На седницата, Советот за безбедност ги утврди активностите поврзани со прашањата за безбедноста и одбраната на Републиката за наредниот период, со цел да се дадат соодветни предлози до Собранието и Владата, како и мислења по определени акти од областа на безбедноста и одбраната кои ги донесува Претседателот на Републиката, согласно Уставот и законите.

Советот за безбедност констатира дека субјектите на системот за национална безбедност успешно ги исполнуваат должностите од делокругот на своите надлежности, дека функционираат на највисоко можно ниво и дека постои координација и соработка меѓу субјектите во насока на натамошно јакнење на националните безбедносни капацитети.

Се заклучи, субјектите на системот за национална безбедност да ги зајакнат активностите во насока на обезбедување, навремено предупредување за евентуални закани и ризици по националната безбедност, а со цел подобрување и развој на системот за рано предупредување, превенција и контрамерки по евентуална утврдена закана и ризик.

Членовите на Советот за безбедност разменија информации и мислења во врска со актуелните случувања во Сирија и Ирак, и рефлектирањето на тие состојби во нашиот регион и во Република Македонија. Посебен акцент беше ставен на состојбата со присуство и регрутирање на граѓани од нашиот регион и од Република Македонија во тие кризни региони.