Конте го врати мандатот за состав на владата, откако Матарела одби негов кандидат

Експертот по право Џузепе Конте, кој беше именуван за италијански премиер по предлог на крајната десница Лига и антиестаблишмент и евроскептично Движење пет ѕвезди, откако претседателот на државата Серџо Матарела го одби неговиот кандидат за местото министер за финансии, пренесуваат агенциите и истакнуваат дека ова вето може да резултира со нови парламентарни избори.

Малкупознатиот за пошироката јавност 54-годишниот експерт по граѓанско и уставно право без политичко искуство, Џузепе Конте, го предаде во неделата списокот со министри на претседателот Серџо Матарела кој го одби неговиот кандидат за министер за финансии, 81-годишниот евроскептичен економист Паоло Савоне.

Матарела во средата на Конте му го даде мандатот да ги пополни ресорите во владата, со што конечно би бил завршен речиси тримесечниот политички застој предизвикан од израмнетите резултати на изборите на 4-ти март.

Движењето пет ѕвезди на овие избори стана најсилната политичка партија, освојувајќи 32 отсто од гласовите, додека Лигата доби 18 отсто во рамките на десниот блок за кој вкупно гласаа 37 отсто од гласачите, додека левиот блок доживеа дебакл и не можеше да влезе во ниедна комбинација за формирање влада.

Двете водечки партии склучија заедничка програма на владата на 57 страници, претставувајќи го како амбициозен проект кој имаат намера да трае пет години, односно цел мандат. Европската унија веднаш реагираше, стравувајќи дека новата италијанска влада нема да се придржува до прописите предвидени за финансиската дисциплина.