Континуирано функционира лактариумот на Клиниката за гинекологија

Во рамки на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, од почетокот на месец август, функционира лактариум наменет за мајките-родилки кои веќе го напуштиле родилиштето, а чии новородени деца се третираат на одделението за интензивна неонатална нега и терапија.

Во лактариумот, мајката-родилка прави експресија (измолзување) на млекото, а потоа експресираното мајчино млеко е вклучено во исхраната на новороденото дете. Лактариумот е организиран согласно Водичот за експресија и употреба на мајчино млеко. Од почетокот на функционирањето, лактариумот го посетиле вкупно 53 мајки, а експресираното мајчино млеко е вклучено во исхраната на 61 новородено дете (меѓу кои и 8 пара близнаци). За експресија на мајчиното млеко се употребуваат рачни пумпи за еднократна употреба, кои ги обезбедува Клиниката.

Функционирањето на лактариумот овозможува унапредување на грижата за ранливите категории на новороденчиња, а воедно придонесува кон подигнување на свеста за значењето на мајчиното млеко. Имено, мајчиното млеко е многу значајно за подобрување и зајакнување на имунитетот кај ранливите групи на новороденчиња, особено предвремено родените деца, новороденчињата со мала родилна тежина, или болните новородени деца.

Исхраната со мајчино млеко овозможува и други придобивки, како што се: унапредување на севкупниот развој на новороденчето (физички, моторен, социо-емоционален и когнитивен развој), намалување на ризикот од хронични и автоимуни болести (алергија, aстма, дијабет и разни инфекции) во периодот на детството, како и намалување на можноста за понатамошна појава на хронични незаразни заболувања. Воедно, на овој начин се постигнува значаен психолошки ефект на зајакнување на емотивната врска помеѓу мајката и новороденчето.