Координаторката на жените СДСМ од Неготино премина во ВМРО ДПМНЕ

Марина Димова, поранешната координаторка на клубот на жени на СДСМ при општинската организација во Неготино Марина Димова преминала во ВМРО-ДПМНЕ, објави весникот „Дневник“.

Димова изјави дека била исклучена од членството на партијата поради политички несогласувања со сегашниот претседател на СДСМ.

Тој правеше континуиран обид со поддршката од неговата мала група на полтрони да ме замолчат во спротивставените политички ставови. Другата причина која сакам да ја наведам е непродуктивноста и бавењето со ситни дворски игри од страна на раководството на партијата на локално ниво а без трунка совест и грижа за сопственото членство. Сепак како интелектуалец сметам дека проблемот е и во суетноста, ароганцијата и постоечкиот затворен круг кој функционира на принципот на позиционирање на истите личности од редовите на партијата на општинско ниво и поставување на ѕид за останатите што е пракса долги години наназад. Ваквиот обид за предвремена политичка ликвидација не води ниту кон прогрес туку кон пропаст не само на локално ами и на централно ниво – нагласи  Димова.

Бидејќи како што рече е млада и се чувствува способна да придонесе во сферите на општественото живеење, нагласи дека нема да дозволи некој политички да ја линчува, да ја ликвидира и предвреме да ја прати во пензија, отстранета од политичко општествените збиднувања.

– За разлика од лошото искуство во Социјалдемократскиот Сојуз, басновидните приказни и лагите, моето пристапување во ВМРО-ДПМНЕ беше поздравено од целото локално раководство и поширокото членство а тоа го согледав преку срдечноста, отворената комуникација, подадената рака и почитта. ВМРО-ДПМНЕ е партија со докажани и видливи резултати, со вложен труд и прогрес. ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски е партија за народот, партија која ги застапува сите граѓани подеднакво и нивните права. Со сите досегашни спроведени активности и проекти се повеќе се докажува фактот дека со ВМРО-ДПМНЕ одиме кон подобра иднина за нас и за нашите поколенија-изјави Димова на пресот.