Македонија е клучна земја за поврзување на Балканот со „Турски тек“

Македонија е клучната земја во поврзувањето на остатокот од Балканот со предложениот гасовод на Русија и економскиот коридор на Кина од Грција кон Унгарија, оцени рускиот аналитичар Андреј Корбико во изјава за програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце, пренесе МИА.

Корбико додава дека проектите на Русија и Кина имаат потенцијал економски да ја трансформираат Македонија и повторно да ја „откријат“ земјата како мост меѓу Истокот и Западот, Северна Европа и Јужна Европа.

Според него, Груевски е доволно прагматичен да работи и со двете големи сили на актуелизирање на овие проекти, додека Заев целосно би ги отфрлил овие планови за да ја задоволи волјата на своите надворешни поддржувачи.

– Визијата на Груевски за земјата е таа да се вклучи во мултиполарноста и рамнотежата меѓу сите страни во полза на Македонија, додека Заев сака надворешната политика на земјата да им ја подреди на надворешните актери и да ја приватизира економијата во нивна корист, истакнува Корбико.

Рускиот аналитичар оценува и дека сега Македонија е во средината на осмислена „обоена револуција“, испланирана од надвор, при што опозицијата неуспешно се обидувал да ги изведе Македонците на улица за да го претвори Скопје во Киев.

Корбико вели дека без оглед на тоа како ќе се реши кризата, Заев веќе им нанел сериозна штета на економијата и угледот на Македонија.

– Со дестабилизација на состојбата во земјата, тој ги одбива многу потребните странски инвестиции. Непознавачите, кои не ја разбираат ситуацијата целосно, сега имаат впечаток дека Македонија е земја на работ на политички колапс, а кога мислат дека е во очајна ситуација, тие ќе ја третираат со помалку достоинство и почит, оценува рускиот аналитичар Андреј Корбико.

фото: МИА