Корбин ја предупредува Меј да не се втурнува во Студена војна без целосни докази

Челникот на британските опозициски лабуристи Џереми Корбин ја предупреди во петокот британската влада водена од конзервативците да не се втурнува и да не ита во нова Студена војна со Русија пред да бидат собрани сите докази дека одговорна за труењето на двојниот шпион со нервен гас е одговорна Москва, so [to

Британската премиерка Тереза Меј ја обвини Русија дека е одговорна за нападот со нервниот гас „новичок“, кој го развила поранешната советска војска пред повеќе од триесет години, со кој наводно се затруени поранешниот двоен руско-британски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, како и англискиот полицаец кој на 4-ти март ги нашол без свест на клупа пред трговски центар во јужното англиско гратче Салисбери.

Ова е првпат познат случај на употреба на нервен отров на европска почва по Втората светска војна, тврди официјален Лондон, а премиерката Меј најави протерување на 23 руски дипломати од амбасадата во Лондон за кои тврди дека се прикриени агенти.

Корбин, лидер на лабуристите, го повика официјален Лондон на претпазливост се’ додека не бидат собрани севкупните докази.

„Да се избрзува пред полицијата да ги собере сите докази во вжештената парламентарна атмосфера не им служи ниту на првдата, ниту на нашата национална безбедност“, напиша Корбин во напис објавен во дневниот весник The Guardian.

„Овој ужасен настан бара, во прв ред, сеопфатна и подробна истрага“, смета Корбин.

Притоа пишува дека не го поддржува рускиот претседател Владимир Путин и дека Русија треба да се повика на одговорност доколку е одговорна за овој напад.

„Тоа не треба да значи дека треба да тргнеме во ’нова Студена војна’ низ трка во вооружувањето, поттикнување војни ширум светот и ’макартистичката нетрпеливост’ кон поинаквиот“, порачува 68-годишниот Корбин.

Лабуристичкиот челник смета дека руската мафија, којашто со своите пипала ја опфатила и Велика Британија, би можела да стои зад нападот и смета дека Лондон би требало да престане да ги зема корумпираните пари од поранешниот Советски сојуз.

„Мораме да престанеме во Британија да го сервисираме рускиот ортачки капитализам и корумпираните милијардери кои го користат Лондон да го заштитат своето богатство“, пишува натаму Корбин.

Корбин вели дека ја „поддржува акцијата на владата во врска со протерувањето на руските дипломати“, но истовремено ја изнесува и својата оцена.

„Мерките со коишто би се целеле олигарсите и нивниот грабеж, би имале далеку поголем ефект врз руската елита, отколку ограничената мерка на прогонување на дипломатите според моделот ’око за око’“, додава британскиот лабурист.

Но подоцна во изјава за телевизијата Sky News Корбин изјави дека доказите во врска со инцидентот во Солсбери укажуваа на вмешаност на Русија. Одговарајќи на прашањето дали Москва има одговорнсот за нападот врз Скрипал рече дека

„Доказите укажуваат на Русија. Во таа смисла, одговорноста треба да ја понесат оние кои го произвеле ова оружје, оние коишто го внеле во земјата и оние коишто ги примениле… Целосно го осудувам овој напад. Извршителите мора да одговараат“, заклучи Корбин.

Корбин своевремено го отпиша дури и неговата партија, како и конзервативците на премиерката Меј, но неговиот неочекувано голем резултат на ланските избори увери многу противници на лабуристите дека тој би можел да биде потенцијален премиер доколку падне владата на Тереза Меј.