КОРЕПЕР групата: Поради противење на Грција нема преговори за Македонија

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, доцна синоќа ги договорија клучните заклучоци во однос на препораката на ЕК за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ, потврдувајќи го она што вчера го објави МИА, дека Европскиот совет ќе се наврати на ова прашање во 2015 година, откако ќе биде ажуриран од страна на Комисијата и ќе забележи значителни чекори во промовирање на добрососедските односи и прашањето за името.

Како што јавува МИА, поради новата блокада од страна на Грција, уште претходно беше познато дека Советот нема да ја прифати шестата последователна препорака на Комисијата, па синоќа, КОРЕПЕР-групата на амбасадори по долги натегања, го прифатија компромисниот предлог-заклучок на Еворпската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Откако се е усогласено, заклучоците сега одат на расправа на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ на Советот за општи работи (ГАК) во вторник (16 декември), а со цел потврда на Самитот на Европскиот совет, закажан за 18 и 19 овој месец. Како што стои во работниот документ: „Поради противење на една земја (Грција, н.з.)“, посочените точки од залучоците за Македонија биле проблематични.

– Во насока на евентуалната одлука на Европскиот совет да ги отвори преговорите за пристапување со Република Македонија, Советот ќе се врати на ова прашање во 2015 година, врз основа на ажурирање од страна на Комисијата за спроведување на реформите, вклучувајќи го во контекст и Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и видливите преземени чекори за промовирање на добрососедските односи и за постигнување компромисно и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името, гласи заклучокот 41, посветен на Македонија.

Грција, преку својата амбасадорка Александра Пападополу, бараше Советот да не ја дели оценката на Комисијата, туку истата да ја нотира, да биде избришано дека државата ги исполнува критериумите и дека според нивен предлог: „Поради назадувањето во последната година, Советот да се наврати на предлогот за отворање на преговорите во 2015 година, но по прогрес-извештајот што Комисијата ќе го издаде во октомври месец и Пристапниот дијалог треба да е инклузивен”.

Групата на 15 земји-пријатели на Македонија, предводени од Велика Британија и Полска, пак, инсистираа Советот да ја земе предвид препораката на Комисијата да се отворат преговорите за пристапување на Република Македонија и тоа да биде разгледано од страна на Европскиот совет во согласност со воспоставената практика. Тие бараа Европската комисија без одлагање да поднесе предлог за рамка за преговори со Република Македонија, во согласност со заклучоците од Самитот на Европскиот совет во декември 2006 година и воспоставена практика и да спроведе процес на аналитично проучување на законодавството на ЕУ со почеток на т.н. скрининг-процес на поглавјата за судството и основните права и правда, слободата и безбедноста (поглавја 23 и 24 н.з.).

Останатите три заклучоци на Советот за Македонија, се исто така, оние што ги предложи ЕЕАС на Могерини, а тие се, најпрво, дека Советот го поздравува фактот што ЕУ-агендата останува стратешки приоритет на земјата и дека Македонија има постигнато високо ниво на усогласеност со европското законодавство.

– Сепак, има сериозна загриженост за зголемување на политизацијата на државните институции и растечките недостатоци во однос на независноста на судството и слободите на медиумите. Неуспехот да се испорача на овие прашања им нанесе штета на одржливоста на реформите, па Советот ги повикува властите да преземат решителни мерки за брзо решавање на овие проблеми, се наведува во овој заклучок.

Советот нотира и дека “повеќекратните политички кризи меѓу владата и опозициските партии покажа потреба за поконструктивен и инклузивен политички дијалог”.

– Одговорност на владата и на опозицијата е да осигураат политичката дебата да се одвива главно во Парламентот и да придонесат за создавање услови за негово правилно функционирање. Што се однесува до меѓуетничка ситуација, поголема доверба меѓу заедниците треба да се гради и прегледот на Охридскиот рамковен договор треба да биде завршен брзо и да се усвојат препораките, гласи пораката од Советот.

Во последниот заклучок за Македонија се наведува дека, како што е утврдено во заклучоците на Европскиот совет од јуни 2008 година и на Советот за општи работи во декември 2008 година, одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи и постигнување на заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на ОН – останува од суштинско значење.

– Постои потреба да се донесат долготрајните разговори за прашањето за името до дефинитивен заклучок без одлагање. Одлучна акција е потребна. Во контекст на целокупната важност на одржувањето на добрососедските односи, Советот забележува континуирано високо ниво на контакти меѓу Македонија и Бугарија и очекува нивно преведување во конкретни акции и резултати – гласи последниот заклучок за нашата земја.

Инаку, генералните заклучоци исто така се договорени, па така се наведува дека во согласност со обновениот консензус за проширување, одобрен од страна на Европскиот совет на 14 и 15 декември 2006 година и заклучоците на Советот од 13 декември 2013 година, Советот потсетува дека проширувањето останува клучна политика на ЕУ и продолжува да придонесува за взаемна корист на мирот, демократијата, безбедноста и просперитетот во Европа.

Се наведува дека Советот продолжува да придава големо значење за кредибилитетот на процесот на проширување, кој останува од суштинско значење за одржување на моментумот на реформите и јавната поддршка за проширувањето во регионот, каде што треба да биде промовиран преку подобра комуникација, но и во земјите-членки на ЕУ.

– Советот ја потврдува својата недвосмислена посветеност на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Во согласност со претходните заклучоци на Советот, а во рамки на Копенхашките политички критериуми и Процесот за стабилизација и асоцијација, кој останува на заедничка рамка за односи со земјите од Западен Балкан до нивното пристапување, исто така, ја потврдува потребата, во согласност со обновениот консензус за проширувањето, за правична и ригорозна условеност и начело на сопствени заслуги, во комбинација со капацитетот на ЕУ, во сите негови димензии, со цел интегрирање на нови членки, се наведува во сеопфатниот залучок за проширувањето.

Исто така, на Самитот на Европскио совет на 19-ти овој месец, ќе се нотира дека Советот ги поздравува напорите на ЕК да се зајакне фокусот на решавање на темелните реформи во почетокот на процесот, а особен акцент да се стави на трите столба: владеење на правото, економско управување и реформа на јавната администрација. Овие прашања, според заклучоците се поврзани со критериумите од Копенхаген и имаат хоризонтално значење оти спаѓаат во рамки на основаното условување и треба да бидат решени со решителност.

Во однос на проширувањето, Советот ја нагласува централната важност на владеењето на правото, па во согласност со новиот пристап, клучни предизвици кои бараат посебно и итно внимание вклучуваат, особено, судски реформи, борба против организираниот криминал и корупцијата, слобода на изразување и на медиумите, права на припадниците на малцинствата, не-дискриминаторски третман на националните малцинства, како и справување со дискриминацијата на ранливите групи како што се Ромите и ЛГБТИ-групите.

Советот посочува и дека е потребна понатамошна работа за да се промовира родовата еднаквост и правата на жените. Советот гледа напред и кон завршување на подготовките во насока на учество на земјите-кандидатки како набљудувачи во работата на Агенцијата на ЕУ за фундаментални права. А, се посочува и дека владеењето на правото, исто така, е од суштинско значење за економскиот развој и создавање на поволна бизнис и инвестициска клима.

– Советот го поздравува зголемениот фокус на Комисијата за зајакнување на економското управување и конкурентност, со цел подобрување на бизнис-климата и зајакнување на економскиот раст, отворање на работни места и инвестиции. За да ги поддржи напорите кон исполнување на економските критериуми од Копенхаген, Советот забележува дека за земјите од Западен Балкан, ова ќе вклучуваат подготовка на програми за економски реформи. Особено, Советот ги поздравува напорите за процесот на Европски Семестар на ниво на ЕУ, како нов пристап за економско управување и ја охрабрува понатамошната работа за ова, се додава во закучоците.

Врз основа на овие програми, Советот ќе постави насоки и во овој контекст и потсетува на важноста на точни и веродостојни статистички податоци, како клучен фактор во економското управување. Советот гледа напред и кон воспоставување високо ниво на економски дијалог со Турција, што ја нагласува важноста на европските граѓани и бизнисот, а со цел подобрување на енергетската безбедност, вклучително и транспортните мрежи и поврзување. Во оваа смисла, Советот, исто така, повикува на поблиска соработка со земјите-членки на ЕУ, како придонес за енергетската безбедност на ЕУ, вклучувајќи ја инфраструктурата за диверзификација на изворите на снабдување. Поддршка на економскиот раст и развој, исто така, се наведува дека треба да го ублажи миграцискиот притисок на Унијата.

Советот ќе го поздрави и подобрениот пристап на Комисијата за реформи во јавната администрација. Се гледа напред кон повеќе структурирана, политичка дискусија во органите на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и употребата на пристапните преговори за поттикнување на потребните реформи, со цел справување со политизацијата на јавната служба и предизвицита во однос на нејзината транспарентност, отчетност, професионалност и ефикасност.

– Зајакнување на функционирањето и независноста на демократските институции е од суштинско значење. Ова вклучува обезбедување на конструктивен, инклузивен и одржлив дијалог низ целиот политички спектар, особено во рамки на Парламентот, како и со граѓанското општество. Во овој поглед, повеќе треба да се направи за да се поттикне соодветна средина за граѓански организации, се наведува во заклучокот за проширувањето на Унијата.

Исто така, Советот посочува во заклуоците и дека развојот на настаните надвор од границите на ЕУ ја нагласува важноста за натамошно продлабочување на соработка по прашања од надворешната политика. – Билатералниот дијалог за надворешна политика треба да биде подобрен и во оваа смисла, Советот ја нагласува важноста на прогресивно усогласување со позициите во надворешната политика на ЕУ, особено за прашањата кои се главни заеднички интереси, како што се за Русија и за Украина, се наведува во оваа порака до земјите-кандидати и потенцијални кандидати.

Советот потсетува и на континуираната финансиска помош од ЕУ, особено во форма на новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 2) за периодот 2014-2020 година. Лансирањето на ИПА 2 посочува на воведување пристапен сектор, подобрена кохерентност меѓу финансиската помош и севкупниот напредок во спроведувањето на стратегијата за претпристапната, зголемена буџетска поддршка и приоритизација на проекти. Со ова, координацијата со меѓународните финансиски институции дополнително се зајакнува.

– Добрососедските односи и регионалната соработка се основните елементи на процесот на проширување, како и на процесот на стабилизација и асоцијација, со цел да придонесат за благосостојба, стабилност, помирување и погодна клима за решавање на отворените билатерални прашања и проблемите од минатото. Советот ги поздравува напорите за надминување на проблемите од минатото, го поттикнува помирувањето и поддржува инклузивна регионална соработка, вклучително и преку промовирање на клима на толеранција и ги осудува сите облици на говор на омраза или воена реторика. Советот ја повторува потребата да се избегне каков било извор на зајадливост или акции кои може да им наштетат на добрососедските односи и на мирното решавање на споровите. Потребни се постојани напори во оваа насока, вклучувајќи ја и заштитата на сите малцинства, овозможување на еднакви права за сите граѓани и решавање на прашањата на исчезнатите лица и враќање на бегалците, гласи залучокот кој ја допира и Македонија поради блокадите од соседна Грција.

Советот ја нагласува и потребата да се продолжи со решавање на домашните случаи на воени злосторства, како и на решавање на неказнувањето на воените злосторства и бара да се обезбеди одговорност, вклучувајќи и целосна соработка и поддршка на работата на Меѓународниот суд за воени злосторства на просторот на поранешна Југославија и посебните истржани органи на ЕУЛЕКС.

Општо земено, се наведува дека се потребни понатамошни напори за решавање на нерешените билатерални спорови, вклучувајќи ги граничните спорови, со цел да се осигура дека тие не треба да имаат штетен ефект врз процесот на пристапување. Исклучителните спорови и прашања, се наведува дека треба да се решаваат во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, вклучително и преку спроведување на законски обврзувачките договори, меѓу другото и на  Договорите за сукцесија.

Потенцирајќи ја особената важност на визната либерализација за граѓаните, Советот ја охрабрува Комисијата да продолжи внимателно да го следи спроведувањето на сите услови поставени со визната либерализација, преку механизмите за следење. Советот ги охрабрува надлежните органи активно да продолжат со нивните напори да ги преземат сите неопходни мерки против злоупотребата на безвизниот режим за патување со цел да се осигура неговото неограничено продолжување и ги охрабрува да продолжат со конструктивната соработка во областа на менаџирањето на миграциските текови.

Советот целосно ја поддржува и работата на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Регионалниот совет за соработка, како негова оперативна рака, со фокус на решавање на целите и приоритетите на Стратегијата 2020 во Југоисточна Европа. Советот ја нотира одлуката од јуни 2014 година на ПСЈИЕ да го направи Косово учесник на нивните настани.

Исто така, Советот ја нагласува важноста од споделување на најдобрите практики за економско управување и промовирање на поврзување и инклузивност во регионот и со ЕУ, како и за регионална економска соработка. Во оваа смисла, Советот ја поздравува работата на инвестициската рамка за Западен Балкан што поддржува подобрување на инвестициите и создавање работни места, економски раст и промовирање на поврзување врз основа на координиран пристап за големи инвестиции по должината на главните инфраструктурни коридори. Советот ги поздравува сите регионални иницијативи насочени кон јакнење на сеопфатен дијалог и соработка.

Интересно е дека во заклуоците за Србија, Советот ја нотира потребата за услогласување на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, што се мисли на односите со Русија, што го нема во случаите со Македонија и останатите земји од пристапниот процес.