„Коридор 10“ во Србија бил граден надвор од проектот и поевтино

За уривањето на потпорниот ѕид на Коридорот 10 во Србија одговорен е шпанскиот изведувач „Азви“ кој не направил вертикални одводни канали, туку наместо тоа, со хоризонтални препреки се задржувала водата која го поттикнала свлечиштето, објави српскиот весник Блиц.

Овој потпорен ѕид, кој се наоѓа на Коридорот 10 на делот од автопатот во изградба кон Македонија, на делницата Горно Поле- Царичина долина, во изминативе пет месеци паѓаше дури трипати.

Според весникот, оваа значително поевтин метод, бил договорен со претходниот менаџмент на компанијата „Коридор Србија“ , како и тоа дека воочените недостатоци се последица на отстапувања од проектираното решение.

Во написот на Блиц се наведува дека „Коридори“ и Министерството за сообраќај и градежништво на Србија, освен што ќе ги отстранат пропустите, побарале и смена на главниот менаџер на шпанската компанија „Азви“ во Србија, а на извршниот директор на компанијата му било соопштено дека последиците ќе одат на штета на компанијата.

Директорот на „Коридори Србија“ Зоран Бабиќ, најави дека денеска ќе започне обновата на урнатиот потпорен ѕид. Тој изјави дека уривањето било очекувано уште во април и дека предвидувањата биле дека тоа ќе се случи за два -три месеци, поради што веќе е подготвена техничка документација за изградба на нова галерија на највисокиот дел на „Косина2“, чиј дел се урна во неделата.

Тој тврди дека и покрај уривањето на потпорниот ѕид, автопатот низ Грделичката клисура ќе биде завршен оваа година.