Користењето на електронски картички почнува денес

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и директорот на ЈСП, Игор Јанушев денес ги посетија просториите на ЈСП Турс во која е сместена една од осумте канцеларии каде граѓаните ќе можат да набават персонализирани електронски картички за користење во јавниот превоз во Скопје.

Од денеска и официјално го започнуваме процесот на издавање на електронските картички кои граѓаните ќе можат да ги набават на посебните инфо центри на ЈСП. Паралелно со издавањето на овие картички, од денес пробно започнува и новиот систем за наплата во автобусите на ЈСП, каде до 31.12.2015 година паралелно ќе функционираат и новиот и стариот систем за наплата. Сметаме дека со овие новитети значително ќе се подобри функционирањето на системот за јавен превоз во Скопје, истиот ќе биде многу подобро организиран, ќе се зголеми брзината и квалитетот на градскиот превоз, кажа Трајановски.

Персонализирана електронска картичка за 2 минути

Јанушев изјави дека процесот на вадење на персонализираните електронски картички „Моја скопска“ е доста брз и истиот не трае повеќе од 2 минути.

Целата процедура трае една или две минути. Многу брзо, на местото се фотографира барателот на картичката и таа се изработува веднаш потоа. Ќе има осум локации во Скопје, а шест почнуваат да функционираат од денеска, односно од вторник. Останатите две се доработуваат и за неколку дена ќе бидат отворени. Со новиот систем за електронска наплата имаме два вида на картички, каде едната е персонализирана (Моја скопска) и може да биде користена само од страна на еден корисник и пренослива картичка без фотографија (Скопска). На овие 8 локации граѓаните ќе можат да извадат “Моја скопска” картичка, која во однос на неперсонализираната картичката (Скопска), има повеќе предности, како што е можноста за користење на месечни билети, со истата се овозможува контрола на трансакциите преку WEB апликација, а доколку истата се изгуби или оштети, постои можност за префрлување на средствата на нова картичка додека старата се блокира. Дополнително ќе бидат поставени и автомати на 3 локации, и тоа Рекорд, Транспортен центар и Бит пазар каде што граѓаните ќе можат да ги надополнуваат електронските картички со средства. За да се реализира успешно овој систем патниците треба навремено да ги набавуваат електронските картички, па затоа апелирам сите корисници на јавниот превоз навреме да ги набават електронските картички кои сакаат да ги користат, изјави Јанушев.

Автоматска локација на возилата на ЈСП

Исто така се имплементира и системот за автоматска локација на возилата на ЈСП, со која ќе се овозможи секој од автобусите да биде лоциран во секое време, од почетната до крајната станица.

На секоја автобуска станица на соодветната линија ќе има сигнална ламба која ќе свети зелено или црвено, во зависност од тоа дали автобусот на станицата пристигнал на време или доцни. Со тоа ќе се овозможи автобусите да доаѓаат точно на време на соодветните автобуски станици. Ќе се овозможи во случај на одредени проблеми, да може веднаш да се реагира, рече Трајановски.

Градот Скопје и неговите граѓани со воведувањето на системот за автоматска локација на возилата и електронска наплата во повеќе од 500 автобуси (325 на ЈСП) ќе добијат побрз и поквалитетен градски превоз. Проектот за воведување систем за автоматска локација на возилата и електронска наплата е целосно финансиран од Градот Скопје и чини околу 3 милиони евра.

 

 

Граѓаните за системот на електронска наплата во ЈСП и начинот на функционирање на новите картички можат да добијат на интернет порталот www.skopska.mk , како и на бесплатната телефонска линија 0 800 115.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.