Корупциски скандал во Турција: Суспендиран е и директорот на безбедноста во Истанбул

Во текот на експанзијата на корупцискиот скандал денеска на пладне од функцијата е отстранет и самиот директор за безбедност во Истанбул, Хусеин Чапкен, соопшти електронското издание на весникот „Милијет“.

Причината е дека не располагал со информации за извршените големи операции во Истанбул и Анкара, предводени од дирекцијата за безбедност во Истанбул, при што се уапсени вкупно 52 лица, меѓу кои и синовите на тројца турски министри. По овие операции се суспендирани или преместени на друго место десетици раководни кадри од специјализираните полициски служби.

Отстранувањата од функциите започна токму од дирекцијата за безбедност во Истанбул, при што вчера од функцијата беа отстранети двајцата заменици на Хусеин Чапкен и 11 директори на различни служби и сектори, посочи уште весник „Милијет“.