Кошаркарскиот клуб „Работнички“ избра ново раководство

Собранието на Акционери на КК „Работнички“ АД Скопје го избра новото раководство на клубот. За членови на новиот Борд на директори беа избрани, Ристо Гапиќ, Васко Кичевски, Филип Филиповски, Димитар Трајчевски и Кристијан Чушков. На првата седница на Бордот на директори беше предложен и едногласно избран Ристо Гапиќ, за претседател на клубот, а за извршен директор беше назначен Васко Кичевски.

– Главна цел е да го задржиме сјајот на најтрофејниот клуб во Македонија, КК Работнички,  и со тоа да успееме да ја вратиме титулата дома, во Градски Парк. Големо задоволство ми е што на чело на стручниот штаб го имаме „докторот“, Марин Докузовски, и убеден сум дека заеднички со максимална посветеност и желба ќе успееме во предизвиците кои следуваат. Само со тимска работа и со постигнати резултати може секој спортски клуб да биде видлив во општеството, истакна претседателот на КК Работнички, Ристо Гапиќ.

На првата седница на Бордот на директори, Васко Кичевски е назначен за извршен директор на клубот со кој ќе раководи во следниот период.

– Како директор на клубот ми претстои година на предизвици односно целосно спроведување  на стратегијата во однос на нашите пријатели и помагатели. Секој што сака да помогне на КК Работники, за нас е добредојден за сугестии и предлози за напредок. Одржување на позитивната енергија во клубот е една од  работите кои исто така се важни за мене. Ќе работиме напорно, од една страна да бидеме најдобри, а од друга страна  да  менаџираме на домакински начин со цел успехот да не се удри по грбот на опстанокот на клубот, истакна директорот на КК Работнички, Васко Кичевски.

Од наредната сезона КК Работнички ќе се фокусираат на развој на младинската школа со што ќе инвестираат во новите сили на кошарката, кои ќе бидат идни репрезентативци на Македонија-истакнаа од клубот.

фото: Facebook

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.