Кошиелни побара напаѓач кој ќе постигне 30 погодоци

Францускиот интернационалец од редовите на лондонскиот премиерлигаш Арсенал, Лорен Кошиелни, испрати јасна порака до раководните лица, кои според него, мораат за време на летниот преоден рок да ангажираат напаѓач од светска класа.

„Мора да ангажираме, мора да купиме, многу, многу добар напаѓач. Арсенал има потреба од напаѓач од светска класа. Тоа е многу важно, така ќе бидеме многу конкурентни во домашниот шампионат во Лигата на шампиони. Така Жиру ќе биде уште подобар. Арсенал ќе напредува на првенствената табела, ако има напаѓач кој може да постигне 30 погодоци во една сезона. Тогаш сигурно ќе ја освоиме шампионската титула. Моментално, има јасна разлика помеѓу Арсенал и тимовите на Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Челзи”, изјави централниот дефанзивец.