Косово наскоро може да остане без медицински кадар

Косовски лекари и медицински сестри емигрираат во земјите од Европската унија, особено во Германија, така што многу скоро може да се случи косовските здравствени институции да се соочат со голем недостиг од стручни кадри, пишува во четвртокот приштинскиот дневен весник Zëri.

Според истражување на Синдикалната федерација на здравството, дури 73 отсто од анкетираните студенти по медицина изразиле готовност да ја напуштат земјата. Директорот на најголемиот ургентен центар во Косово Басри Лењани предупредува дека многу бргу земјата ризикува да остане без лекари.

„Косово ги школува здравствените кадри, лекарите и медицинските сестри за потоа да ѝ ги предаде на Европската унија, каде што емигрираат за повисоки плати и подобар институционален третман“, вели Лењани во изјава за весникот.

Стотици лекари и друг медицински персонал од Косово досега се иселиле главно во Германија, каде што се плаќаат речиси десеткратно повеќе.

Платата на лекар специјалист во Косово е околу 600 евра, специјализантите добиваат помалку од 500 евра, додека медицинските сестри ниту 400 евра. Во Германија еден специјализант е платен околу 4.000 евра месечно, додека специјалистите уште повеќе.