Косово погодено од емиграциска треска

Бранот на масовно напуштање на Косово, што како појава е поизразита посебно во последните два-три месеци, не престанува, па така секојнедно од автобуската станица во Приштина и други градови заминаат преполни автобуси во кои патниците пред се се млади, меѓу нив и жени со бебиња.

Како што јавува МИА, според порталот „Ин фокуси“, причина за масовното напуштање на земјата е немањето на услови за нормален живот и безперспективноста за подобра иднина. Според проценките, најмалку 30 отсто од Косовците живеат во сиромаштија, а над 10 во екстремна сиромаштија.

– Точниот број на косовски граѓани кои ги напуштиле домовите и заминале во некоја западноевропска земја не се знае. Врз основа на извештаи на странски агенции станува збор за повеќе од 15 илјади кои илегално мигрирале за подобар живот. Сепак реалноста е многу поинаква, бидејќи тој број со сигурност е многу поголем, наведуваат косовските медиуми.

Според истите извори, само во Унгарија политички азил побарале најмалку 7.000 Косовци, а по неколку илјади ги има и во Франција, Шведска и други земји.

Откако прво масовно почнаа да ги науштаат своите домови, да продаваат имоти и да земаат кредити или позајмици од познати, сега косовците почнаа се што имаат вредно да продаваат и преку интернет, со цел да дојдат до пари за да можат за заминат.

Најпогодени се областите околу Урошевац, Штимље, Љипљан и Ѓаковица, но се чини дека „емиграциската треска“ го зафати цело Косово.

Во меѓувреме новата Влада на премиерот Иса Мустафа се пофали дека ќе отвори нови 200 илјади работни места, но тешко кој Косовец верува во таквите ветувања.