Косово: Убиен одборник од Собранието на Косовска Митровица

Доцна синоќа, со автоматско оржује, убиен е одборник во Собранието на општина Косовска Митровица, Димитрие Јаниќевиќ.

Тој е убиен пред својот дом, кој што се наоѓа во северниот дел на Косовска Митровица, а како што јавува дописникот на српски „Б92“, во болницата во Митровица е донесен без знаци на живот. Мотивите и сторителот на убиството засега не се познати, а полицијата блокирала дел од градот во кој што се случило убиството.

Триесет и петгодишниот Јаниќевиќ бил кандидат за градоначалник на општина Северна Косовска Митровица на претходните локални избори на листата на Самостојната либерална партија. 

Татко бил на три деца, а зад себе ја оставил бремената сопруга.

Во Косовска Митровица повторно пораснаа тензиите откако Крстимир Пантиќ одбил да стапи на должноста градоначалник на општината, по повеќе обиди за формирање на локални органи на власта и по два круга од гласање во тој град.