Косовската опозиција ќе протестира против претседателот Тачи

Косовските опозициски партии најавија дека заеднички ќе организираат протести, со цел да го спречат претседателот Хашим Тачи да го продолжи дијалогот со Србија кој се одвива под покровителство на Европската унија и на преговарачка маса да го постави прашањето за промена на границите.

Движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово објавија во вторникот дека се согласни заеднички да дејствуваат во Собранието на Косово за формирање преговарачки тим кој ќе го добие легитимитетот на законодавниот дом.

Демократите, кои се најголема опозициска партија, ги гледа и протестите како опција за да се спречат настојувањата на Тачи за корекција на границата, како и за водење на дијалогот со Белград.

Третата најголема опозициска партија, Социјалдемократската партија на Косово, и покрај тоа што не ја доби поддршката на Самоопределување и Демократскиот сојуз за вонредна собраниска седница за дијалогот, најави дека ќе ги поддржи протестите.

Последните седмици косовскиот претседател Тачи интензивно ја промовира идејата за корекција на границата со Србија, со тоа што, според неговата замисла, на Косово би се присоединила Прешевската долина, но на Србија не би и` бил даден ниеден дел од косовската територија.

На овие најави на Тачи се спротивставија сите домашни и меѓународни фактори, а последна беше германската канцеларка Ангела Меркел, која во понеделникот децидно изјави дека никакви промени на границите на Балканот не доаѓаат предвид.