Косовската полиција подготвена да апси по барање на Специјалниот суд

Претседателката на Специјалниот суд Екатерина Трендафилова изјави дека апсењето на обвинетите нема да го врши ЕУЛЕКС, туку косовската полиција.

Тоа, додаде таа, е регулирано со закон, но доколку е неопходно Специјалниот суд може да побара и меѓународна соработка.

– Како што е предвидено со закон, ние можеме да се потпреме на косовската полиција, како и на кој било суд во Косово. Исто така, специјалното обвинителство може да ги спроведе наредбите и преку полициските сили во неговата канцеларија. Секоја наредба и одлука на Судот, која вклучува претреси, запленувања и апсења на осомничени на територијата на Косово, треба да се спроведува. Тоа го налага законот. Исто така, ако тоа е потребно, ние може да побараме меѓународна соработка, посочи Трендафилова.

Од полицијата, за приштинскиот весник „Експрес“ потврдиле дека се подготвени да почнат со апсење на лицата кои се обвинети од Специјалниот суд „секогаш кога од нив тоа ќе биде побарано“.

– Полицијата на Косово е главна институција за спроведување на законот. Обврските и овластувањата на полицијата се јасно одредени со закон и Уставот на Република Косово, изјави Даут Хоџа, портпарол на косовската полиција.

Според него полицијата има добра соработка со домашните меѓународните институции, па затоа нема друга алтернатива освен безбедност и спроведување на законот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.