Косовски Лајмет: ИСИС ќе ги нападне балканските земји што не работат „по волјата на Алах“

Западните разузнавачки агенции ја информирале Косовската разузнавачка служба и ѝ препорачале да ја зголеми будноста поради наводната комуникација на ИСИС во Сирија и Ирак со своите ќелии на Балканот, пишува косовскиот медиум Лајмет.нет, повикувајќи се на „сигурни меѓународни извори“, пренесува МКД.мк.

Хрватското Слободна Далмација  пишува дека покрај косовската Влада, опасност им се заканува и на нејзините институции, како и на некои држави на Балканот.

Според косовскиот портал, на овие ќелии на Балканот им е дадена „наредба за напад врз оние што не дејствуваат по волјата на Алах“ и посебно „да се фокусираат на објектите на Владата на Косово“.

Полицијата на Косово тврди дека нема информации за можни закани во Косово и во балканските земји, но косовскиот Лајмет.нет додава дека и покрај ова некои амбасади во Приштина ги предупредиле своите граѓани и нивните организации за можни терористички закани, побарале да бидат претпазливи и ја зајакнале контролата на влезовите во амбасадите.