Косовски малолетник раскажа како требало да замине на џихад

Малолетник од Витина, на Косово раскажал како одлучил да се придружи на радикалната група Исламска држава во Сирија.

На петти август годинава шестнаесетгодишното момче било спречено да замине за Турција на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина.

При контрола рекло дека поседува само лап топ и мобилен и признало дека оди за Истанбул, а потоа за Сирија.

Како што вели, одлучил да го напушти школувањето и да се бори, а преку Фејсбук дошол во контакт со неколку лица кои имале врски со албанските џихадисти во Сирија.

– Со овие лица почнав да комуницирам пред околу два месеца пред да одлучам за заминам. Главно мое беше инсистирањето да заминам за Сирија. Тие ми кажаа како може да стигнам таму. Целта на моето патување беше прво да стигнам во Истанбул, потоа да одам за Сирија, за да се борам, изјавило момчето, кое пред полицијата кажало дека нема родители и оти живее во беда заедно со баба му и една роднина, по што почнало силно да плаче.

Според момчето, два месеца откако воспоставило контакт со лицата преку фејсбук, отишоло во туристичка агенција и купило билет за авионскиот лет за Истанбул. Наводно при купувањето на билетот и заминувањето до аеродромот, Д.И. бил сам, но имајќи ја предвид  големата сиромаштија во која живеел, истражителите се сомневаат во веродостојноста на ова тврдење.

Д.И. не е единствениот случај Косовци да се обидат да заминат за Сирија или веќе да се дел од џихадистите на ИД. Многу од нив во Сирија се заедно со сопругите и децата.