Коста пак погоди, поништен гол на Иран

Шпанија со тешки маки дојде до минимална победа против Иран од 1:0, исто како и претходно Португалија против Мароко во групата „Б“. За разлика од Португалците, Шпанците покажаа подобар фудбал, иако Иранците одлично се бранеа, најчесто и со десет фудбалери.

Стрелец на победничкиот гол повторно беше Диего Коста во 54 минута, откако иранскиот бек Резаин го блокираше неговиот удар, но наместо да ја исфрли топката, таа го погоди шпанскиот напаѓач во коленото и се одби во десниот долен агол на иранскиот гол.

По примениот гол Иранците возвратија, кога по еден одличен удар сите ја видеа топката во голот, но таа заврши во надворешната мрежа. Во 60 минута Иранците постигнаа гол, но радоста кратко траеше откако интервенираше ВАР технологијата, па судијата го поништи голот на Езатолахи поради офсајд. Иранците по поништениот гол паднаа во ритамот, а најзрелата шанса до крајот ја имаа Шпанците, но резултатот остана ист.
Шпанија има четири бода, исто колку и Португалија, Иран има три, а Мароко без бодови нема шанси за следната фаза.

Во последното коло Шпанија игра со Мароко, а Иран против Португалија ќе води директна битка за пласман во осминафиналето.