Костадиновски: На земјоделците им се потребни реални мерки, а не лажни ветувања од владата на СДСМ

На земјоделците им е потребна континуирана грижа и реални мерки, а не залажување со неефективни мерки и најави на новата влада на СДСМ коишто се сведуваат на блокирање, укинување и уривање, порача на прес-конференција во средата Ванчо Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ.

 

„Земјоделците се соочуваат со проблем поврзан со откупот на земјоделските производи. Во моментов алармантна е ситуацијата со производителите на праски во државава“, предупреди Костадиновиски.

 

Информираше дека според информациите кои доаѓаат до неговата партија голем дел од родот во моментов пропаѓа, а земјоделците претрпуваат штета.

 

„Информациите кои ги имаме велат дека се засегнати сите производители на праски кои имаат проблем и со откупот и со цената на праските. Минатата година родот се откупуваше без проблеми, а цената на праските изнесуваше 35 денари по килограм и повеќе, цената достигнуваше до 50 денари по килограм за прва класа на праски. Годинава постои реален проблем со откупот, а цената се движи околу 20 денари“, посочи Костадиновски.

 

Според него владата на СДСМ не смее да ги игнорира реалните проблеми на земјоделците и мора да започне да работи и да ги решава проблемите со кои се соочуваат земјоделците.

 

„Министерството за земјоделство, додека беше раководено од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во 2016 година одвои 12 милиони евра за покривање на штетите од временските непогоди и за разликата од производната до продажната цена на некои земјоделски култури се исплаќаа надоместоци коишто изнесуваа преку 6 милиони евра за одредени култури“, прецизираше Костадиновски

 

Според него очигледно е дека СДСМ сака да покаже дека располага со идеи, но и оти на земјоделците им нуди суми „извадени од ракав“ и направени „без никакви анализи“, за коишто оцени дека не можат да покријат ниту една штета од временски непогоди, а не пак да им се исплаќа разликата од производната до продажната цена на сите земјоделски култури.

 

„Секоја година, согласно политиките на ВМРО-ДПМНЕ државата исплаќаше над 1,5 милион евра за кофинансирање на полисите за осигурување на имотот. Стапката од 60 отсто за кофинансирањето која ја исплаќавме е највисока во целиот регион и пошироко. На земјоделците им се потребни средства кои ќе ги имаат на располагање во секое време и мерки за помош и развој на земјоделството. Токму тоа го има во изминатите години од Владата предводена од коалицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ. Земјоделците добиваа буџетските средства од 150 милиони евра, со 100 отсто покривање на проценетата штета од временските непогоди“, потсети Костадиновски.

 

На крајот потсети и на предизборните ветувања на СДСМ за формирање интервентен фонд од 6 милиони евра помош за земјоделците, коишто сепка, као што оцени Костадиновски, очекуваат исполнување на ветувањата и подигнување на нивниот стандард.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.