петок, 25 ноември 2016  |  Вести денес: 0

Костадиновски:Нови мерки на Владата за откуп на оризовата арпа

oriz-768x584

Последни вести

Владата на Република Македонија на последната седница донесе одлука за уште една субвенција, трета по ред наменета за оризопроизводителите. Имено оние земјоделци кои имаат пријавено земјоделско земјиште до два хектари ќе добијат по пет денари за предаден килограм оризова арпа кај откупувачите. Земјоделците кои поседуваат од два до 10 хектари ќе добијат по четири денари за килограм предадена арпа кај откупувачите, додека земјоделците кои поседуваат над 10 хектари земјоделско земјиште на кое одгледуваат ориз ќе добијат по три денари за килограм предадена оризова арпа кај откупувачите.

Ова синоќа на оризопроизводителите од општина Чешиново Облешево им го соопшти заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски.

Оваа мерка, како што појасни, ќе важи од 1 до 31 јули оваа година, при што земјоделците-оризопроизводители најдоцна до 31 август заедно со кантарските белешки и потврдите дека е откупена арпа кај откупувачите ќе можат да  се пријават во Подрачните единици  на Министерството за земјоделство шумарство и водстопанство за да добијат субвенција.

Костадиновски информира  дека според направените анализи од реколтата 2015  се откупени 12 илјади тони ориз од кои количини 3,5 илјади тони стојат се уште во магацините на откупувачите. Во амбарите на оризопроизводителите, истакна Костадиновски се наоѓаат од осум до 10 илјади тони ориз кој чека откуп.

Костадиновски на оризопроизводителите им појасни  дека на стартот на жетвата на оризот мината година,  Владата определила  субвенција од 200 евра по хектар за да подоцна бидејќи не одеше добро откупот определи уште 300 евра по хектари, што значи со двете мерки се определени  вкупно 500 евра по хектар за оризова површина.

Од наредната недела Костадиновски најави одржување на трибини во повеќе населени места во оштините од истокот каде што се одгледува ориз, со единствена цел преку укажувањата на земјоделски стручњаци да се произведуваат квалитетни и доходовни сорти на ориз.

За Драгољуб Гаврилов оризопроизводител од село Чешиново ваквата мерка е очекувана од страна на Владата и во многу ќе придонесе да се намалат залихите од ориз, а на земјоделците ќе им се помогне да ја подобрат својата материјална состојба.

Оризопроизводителот Здравко Арсов од село Облешево ја поздрави оваа трета мерка на Владата укажувајќи притоа благодарност за разбирањето за тешката состојба во која се наоѓаат оризопроизводителите и начинот како да им  се помогне.

Најчитани вести