четврток, 25 мај 2017  |  Вести денес: 1

Костадиновски: Политичката криза ги забавува проектите што ги бараат земјоделците

kostadinovski

Последни вести

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски попладнево во атарот на штипското село Врсаково изврши увид на градежните работи за санација и рехабилитација на каналот 18 од системот за наводнување „Брегалница“, во должина од над шест километри.

– Целта ни е да напрвиме увид за овој проект за кој се одвоени 1.200.000 евра, дали изведувачот ќе може да го испочитува рокот согласно договорот, бидејќи договорот е потпишан и е внесен во работа некаде на крајот од првиот квартал од оваа година, некаде на почетокот на април. Согласно информациите, кои што ги имам и увидот што го направив овде добиваме уверение дека до крајот на годината, комплетно ќе биде завршен, со што ќе се овозможи целосна санација и рехабилитација на каналот 18, рече Костадиновски.

Каналот кој се санира ја дистрибуира водата за наводнување на 1.500 хекатри плодна земјоделска површини на штипските села Врскаково, Сарчиево, Криви Дол, Три Чешми и светиниколското село Кадрифаково.

– Ќе имаме целосно нов цевковод, претходниот, оној што бил изграден во дамнешно време е бетонски канал отворен, сега се става нов цевковод, кој што ќе биде поквалитетен и потраен и ќе овозможи квалитетно и брзо доставување на водата, вели Костадиновски.

Прашан дали политичката криза влијае врз реализацијата на владините проекти во областа на земјоделство, Костадиновски забележа дека за жал политичката криза, која, како што рече, ја предизвика СДСМ, влијае и ги забавува проектите кои ги бараат земјоделците.

-Ние имаме во планот и барање од жителите и земјоделците од село Чардаклија и од крупишкиот регион да направиме одредени зафати, кои што ќе овозможат доставување техничка вода до село Чардаклија во вкупна вредност на проектот од околу три милиони денари и изградба на зафат на Модар мост кај Крупиште, со што ќе се овозможи наводнување на околу 50 хектари оризови ниви. За таа цел ние ги имаме обезбедено средствата и се надеваме дека оваа криза набргу ќе заврши, со што ќе можеме да подготвивме тендерска постапка, за да можеме да избереме изведувач да ги изгради проекти, кои се од вкупна вредност од околу шест милиони денари, вели Костадиновски.

Тој најави дека за штипско-карбинскиот регион интензивно се работи и на документацијата за изградба на  брана на Баргала. Во тек е подготвување на тендерската документација и наскоро ќе биде објавена за ревизија на проектот за изградба на брана на Барагала. Инвестицијата е над 10 милиони евра, а тендерската постапка за избор на градежна фирма која ќе ја гради оваа брана се очекува да биде распишана кон крајот на годината.

Најчитани вести