Костадиновски: Во завршна фаза е проектот за изготвување на Педолошка карта

Лозарите од тиквешкиот регион се соочија со огромни проблеми заради глобалните климатски промени каде што Македонија е сместена во категоријата на земји коишто се најмногу погодени од овие промени и штетите беа огромни на страна на лозарите, истакна заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски одговарајќи на пратеничко прашање. Тие бројки, како што посочи, се добиени од страна на лозарите коишто ги имаат предадено количините на грозје во винариите.

– Министерството односно Владата на РМ според програмата за финаниска помош во земјоделството обезбедува субвенции во износ од 40 илјади денари на хектар обработлива површина на лозови насади. Иако таа поддршка не е својствена за земји во регионот и пошироко сепак ние како одговорна Влада сметаме дека ќе се изнајде некое заедничко решение во разговорите со претставниците на здружението на лозарите и се надеваме дека во иднина преку обезбедување и субвенционирање на полиси за осигурување, дека ќе им биде осигуран родот од штетите коишто евентуално би настанале. Во тој дел и Владата преку програмата обезбедува субвенционирање на полисите за осигурување, истакна Костадиновски.

Додаде дека Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството, преку своите советници е секогаш на терен и било кога и да се обратат земјоделците од било кој регион тие се на располагање и можат во било кој момент да им обезбедат совет. Додаде дека покрај вонредно доставено барање можат да добијат совети преку редовната и годишна програма за советување на земјдоделците.

– Не само за регионот за Тиквеш, туку и за цела територија на Република Македонија  во завршна фаза е проектот за изготвување на Педолошка карта. Така што наскоро очекуваме и да го добиеме тој производ ако можам така да го наречам како готов проект кој што може да биде на располагање не само на  земјоделците туку и на бизнис заедницата, науката на потнцијалнтие странски инвеститори за подобри анализи при евентуално земјоделско производство, појасни Костадиновски.