Економија

„Костал“ ќе произведува електро делови за автомобилската индустрија

„Костал“ ќе произведува електро делови за автомобилската индустрија

Германската компанија „Костал“  која донесе одлука да инвестира во охридско-струшкиот регион, ќе произведува електронски компоненти за автомобилската индустрија. Нејзините производи ќе се вградуваат во најлуксузните марки на автомобили во светот.

Алек Никовски, советникот за странски инвестиции, денес истакна дека производите на „Костал“ се вградени во Мерцедес Бенз, БМВ, Бентли, Ролс Ројс, Мајбах, Волфсваген, Јагуар, Форд, Пежо итн.

-Главно поле на делување на компанијата се електронските компоненти, произведуваат електронски модули за раководење во прозорци, врати, седишта, целосни електронски склопови околу воланот, автоматските менувачи на возилата и електронски системи за управување на возилото со помош на камери и сензори. Се работи за една компанија со многу висока технологија која е многу иновативна, истакна Никовски.

Тој додаде дека преговорите со германскиот гигант траеле околу две години, а менаџментот на компанијата извршил најдетални анализи пред својата одлука за инвестирање во Македонија.

-Клучно беше тоа што наидоа на една многу позитивна бизнис клима во Македонија, се разбира, конкурентноста на трошоците, квалификуваната работна сила на која сами наидоа за време на нивните посети во земјава и охридско-струшкиот регион. Би ја споменал и макроекономската и политичката стабилност која е исклучително важна за инвеститорите, но и позитивниот фидбек кој го добија во контактите со веќе постоечките странски инвеститори во Македонија што многу влијаеше на дополнително зајакнување на нивните позитивни впечатоци за тоа како се работи во Македонија, потенцираше Никовски.

Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо посочи дека „Костал“ детално ги разгледува локациите каде ќе ја започне својата бранфилд инвестиција, а првите вработувања се очекуваат кон крајот на првиот, почетокот на вториот квартал на идната година.

-Тогаш веќе ќе се ангажираат луѓе кои ќе бидат испратени на обука во два нивни производствени капацитети, во Ирска и Украина. Потоа ќе се започне со процес на градба на нивниот гринфилд капацитет кој ќе биде лоциран во ТИРЗ Струга, а веќе се лоцирани неколку парцели. Вкупната големина треба да биде 26.000 метри квадратни, а капацитетот најверојатно ќе биде изграден во три фази. Неговата функционалност се очекува во 2017-та, почетокот на 2018 година, истакна Мизо.

Првиот човек на ТИРЗ нагласи дека доаѓањето на „Костал“ директно претставува една позитивна инјекција за имиџот на Македонија. Ваква компанија, смета Мизо, може да значи поттик за други компании кои можеби не ја гледа Македонија како бизнис дестинација.

Инвестицијата на германски „Костал“ во Македонија, кој ќе вработи 1.000 лица, отвора можност за соработка со образовните институции каде компанијата може да најде потенцијален кадар, соработка со локални компании, но и со странски компании кои веќе инвестирале во Македонија.

Со над 70 милиони евра инвестиција во период од околу шест години, овој светски лидер во електронските компоненти го прошири својот бизнис и во Македонија, покрај досегашното присуство во 17 земји каде работат 15.000 луѓе.