Костов: Барањето на Јанева за ослободување на Верушевски е контрадикторно

Според политичкиот аналитичар Сотир Костов, последното барање на специјалната обвинителка Катица Јанева, Зоран Верушевски да биде пуштен од притвор е целосно контрадикторно. Според него, Јанева за истиот предмет најпрво побара одлагање поради незапознаеност, а веднаш потоа побара негово ослободување.

Како може за предмет што не го проучила, таа да се изјаснува за ослободување од притвор. Доколку Верушевски биде пуштен може да влијае на сведоци, да остварува телефонски разговори и сл. Се работи за вешт мајстор на „занаетот“. Се очекува Кривичниот совет да не го прифати барањето за прекин на притворот, а на тоа укажуваат сите околности. Редно е Јанева да ја добие првата лекција од судот – коментира Костов за Телеграф.мк.

Откако вчера некои медиуми објавија дека Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1-Скопје му го укинал притворот, со демант излезе судот од каде велат дека одлука за наведениот предмет сè уште не е донесена.

Кривичниот совет имаше доставено дополнително барање до Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за докомплетирање на документацијата пред донесување на конечната одлука, се вели во соопштението од Судот.