Костовска: Материјалите во Хамбруг се примени, но мала е веројатноста за ебола

Според Јованка Костовска, раководител на сектор за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство уште е помала веројатноста дека Британецот починал од вирусот ебола.

„Денеска сакам да информирам дека добивме детална потврда од нашите партнери од Велика Британија за движењето на починатиот во последните неколку месеци.Од епидемиолошката анализа на овие податоци, може да се заклучи дека е уште помала веројатноста да станува збор за вирусот ебола. Исто така, во овој извештаен период, добивме потврда од лабораторијата во Хамбург дека материјалот е примен. Пред 1 час, добивме и потврда дека започната е лабораториската анализа на материјалот, а потврдено ни е дека резултатот ќе го имаме денес доцна попладне.

Сепак, како што најавивме, се до добивање на финална потврда од страна на референтната лабораторија во Хамбург, продолжуваме да постапуваме согласно медицинските протоколи.

Сакам да истакнам дека засега во Македонија нема друг сомнителен случај. Лицата кои моментално се наоѓаат во карантин се во добра општа здравствена состојба и не покажуваат никакви симптоми, а особено е важно што меѓу нив нема состојба на паника и покажуваат разбирање за превентивните мерки кои ги презема здравствениот систем.

Уште еднаш сакам да повторам дека иако денеска веројатноста дека станува збор за ебола е уште помала, ние се надеваме на најдоброто, но сепак како здравствен систем сме подготвени и за справување со најлошото сценарио,“ изјави Костовска.