Костовски: Гласајќи за бројот 13 жителите на Бутел ќе гласаат за просперитетна и сигурна општина

Исправени сте уште еднаш пред нов голем предизвик, општина Бутел влегува во вториот изборен круг и уште еднаш ќе имаме шанса да одлучуваме во каков Бутел сакаме да живееме, вели кандидатот за градоначалник на Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски.

„Гласајќи за бројот 13 гласате за нова ултра модерна општина, гласате за три нови паркови кои ќе се простираат на голема површина со фонтани, пешачки патеки со големи цветни површини, едниот парк ќе се наоѓа на влезот во Бутел кај отпадите, вториот ќе се наоѓа во централното подрачје кај населеното место расадник и третиот парк ќе се простира над населбата Радишани. Гласајќи за бројот 13 гласате за конечно уредување и разеленување на коритото на реката Серава, но покрај тоа ќе поставиме и нова пешачка патека каде што ќе може да се рекреира и спортува“, нагласи Костовски.

Додаде дека гласајќи за бројот 13 се гласа за нов ултра модерен спортски комплекс кој ќе се наоѓа во населеното место Расадник и тој спортски комплекс ќе содржи нова сала, фудбалски стадион, кошаркарски игралишта, како и тениски игралишта.

„Гласајќи за бројот 13 гласате за нова модерна патека над Љубанци која ќе биде планинска пешачка патека која ќе може да се користи и за рекреирање и за спортување. Гласајќи за бројот 13 гласате за над 80 проекти коишто, пред сѐ, се реални проекти и ќе го изменат животот во Бутел. На 29-ти октомври повторно имате шанса да одлучите директно за иднината на вашите деца дали ќе живеат во несигурна и нестабилна општина или, пак, сакате да живеат во просперитетна и сигурна општина Бутел“, рече Костовски.