Костовски: Реформите на СДСМ се состојат во бркање луѓе од работа

Владата на СДСМ не е реформска туку антиреформска, а еден од првите проекти на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, не е некоја нова инвестиција во културата, ниту, пак, некоја нова театарска претстава, туку доследно спроведување на политиката на Заев за бркање на луѓе од работа, рече на прес-конференцијата во петокот Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Костовски притоа посочи дека Алаѓозовски исто како Заев „пред камерите зборува едно“, а во министерството работи „сосема друго“, алудирајќи на изјавите на новиот министер за култура кој во четвртокот вечерта во дебатната емисија со својата претходничка на должноста од ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа-Милевска, изјави дека наследил „професионален тим со кој одлично соработувал“, а пред само неколку дена ги раскинал договорите за вработување на тројца вработени од министерството, без никакво објаснување.

„Алаѓозовски и СДС работат спротивно од она што јавно го ветуваа пред граѓаните за време на изборната кампања, дека нема да вршат притисок врз вработените во администрацијата, дека ќе го почитуваат на професионалниот кадар во администрацијата и дека нема да бркаат од работа. СДС не издржа ни десет дена власт пред да си го покаже вистинското лице, бркањата на административците од работа, најавено од страна на Заев уште во Валандово, по принципот сите ќе ги избркаме и ќе влеземе тимски од чистачка до министер, почна со реализација и тоа е евидентно“, рече Костовски.

Истакна дека тоа е „вистинското лице“ на СДСМ познато од минатото по, како што рече Костовски, по „уривањето, блокирањето, застоите на државните и општествени текови и процеси“, како и бркањето луѓе од работа, за на нивно место да инсталираат свои партиски послушнициа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.