Костовски: СЈО е веќе прочитано од граѓаните и нема кредибилитет

СЈО од ден на ден, со своето противзаконско работење, докажува дека е обичен политички  инструмент во рацете на Зоран Заев и СДС, кој треба да им помогне да се пресметаат и замолчат противниците и неистомислениците. За да ја остварат својата цел, се закануваат по институции и игнорираат закони за што и ќе одговараат кога ќе се врати правната држава, а СДС ќе замине од власт, изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

-Наместо да го работат тоа за кое што беа формирани и да ги гонат криминалците кои го рушеа безбедносниот систем, односно злосторничкото здружение обединето во предметот „Пуч“ кое незаконски прислушуваше телефонски разговори и ги монтираше и препродаваше, тие го направија спротивното. Го амнестираа Верушевски и Заев и сега се обидуваат да издејствуваат незаконска и ирационална одлука за да го озаконат нивниот криминал преку признавање и институционална употреба на монтираните, незаконски прислушувани материјали, истакна Костовски.

Вели дека ако СЈО работело согласно законот и ако применувале барем „П“ од правото, уште првиот ден од нивното работење согласно доказите за „Пуч“, Заев и Верушевски, ќе требало да одговараат.

Со амнестијата и легализацијата на криминалите на Заев, вели Костовски, СЈО уште еднаш на дело потврди дека е под контрола на СДСМ чија единствена цел е, како што рече, да  конструира и монтира случаи против раководството на ВМРО-ДПМНЕ, заради политичко оцрнување во очите на јавноста.

-СЈО со континуираниот политички притисок врз судовите, со барањето за одземање пасоши на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, има една и единствена цел, а тоа е создавање димна завеса и тотален дефокус од антидржавните политики кои ги спроведува СДС во изминатиот период. Дефокус од донесување на штетниот Закон за двојазична Македонија, пренасочување на јавноста од  неспособноста и некадарноста на новата влада во справување на пожарите и огнените стихии кои ја доведоа Македонија на работ на еколошка катастарофа, потенцира Костовски.

Посочи дека СЈО како политичка алатка на СДСМ има цел политичка дискредитација на ВМРО-ДПМНЕ, надевајќи се дека на СДСМ и Зоран Заев ќе му овозможи подобра стартна позиција пред претстојните локалните избори.

-СЈО е веќе прочитана од граѓаните и нема кредибилитет. ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека оние кои работат спротивно на законите за да исполнат на политички нарачки на одредени лица, треба да бидат свесни дека ваквите противзаконски дејствија ќе бидат ревидирани и сакционирани веднаш по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Многу бргу ќе дојде до воспоставување на правната држава и функционирање на институциите. Сите криминалци и прекршители на законот ќе одговараат. За криминалите и антидржавните дејствија мора да има соодветни санкции, рече Костовски.

Додаде дека ваквиот антидржавен начин на владеење, јавноста го препознава и оти СДСМ поради водење на ваквите штетни политики, ќе биде поразен на наредните локални избори.