Костовски: Владата на СДСМ и министерот Таравари го претвораат здравството во семејна фирма на неколку фамилии блиски до власта

Неспособната и неодговорна влада на СДС и министерот Таравари од ден во ден прават се поголеми скандали и отвораат сомнежи за идни злоупотреби во здравствените установи за намирување на желбите и потребите на неколку фамилии блиски до власта, обвини денеска Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Костовски кажа дека по назначување на тројцата митаџии и криминалци за директори на скопските клиники, Јане Митковски, Дејан Докиќ и Иван Барбов, кои ја скандализираа македонската јавност, Таравари ги назначи ќерката и зетот на Стојмир Петров, сопственик на веледрогеријата „Елбојор“ за директори во две различни здравствени установи во Скопје.

„Неодговорниот Таравари го назначи Христијан Костов, зетот на Стојмир Петров за директор на Градската Општа болница 8-ми септември, а неговата сопруга и ќерка на Стојмир Петров, Елена Костава, за директорка за Геријатриската болница во Ѓорче Петров. Владата на СДС и министерот Таравари го претвораат здравството во семејна фирма на неколку фамилии блиски до власта. Таравари и Заев отвараат можност за корупција и сомнежи за криминал во иднина. Со именувањето на ќерката и зетот на сопственикот на една од поголемите веледрогерии во државата за директори на едни од најголемите здравствени установи се отвара можност за судир на интереси и создавање на нелојална конкуренција на пазарот со веледрогерии“, рече Костовски.

Кажа и дека поставување на лица за директори во здравствени установи кои се во роднински врски со сопственици на веледрогерии се потенцијален ризик за корупција и создавање на нелојална конкуренција на пазарот помеѓу веледрогериите, каде се отвара сомнеж дека една фирма секогаш би била во поповолна ситуација на тендерите во здравството заради роднинските врски на газдата на истата со директорите на здравствените установи.

„Заев и Таравари го преполнија македонското здравство со митаџии, и лекари во роднински врски со сопственици на веледрогерии, кои тргуваат со реагенси и медицински средства. Таравари и СДС вршат вистински масакар врз македонското здравство, што на среден и долг рок ќе има фатални последици за квалитетот на здравствените услуги и здравството воопшто. Заради ваквата неодговорност и неспособност СДС ќе се соочи со политичка одговорност на следните локални избори и ќе биде целосно делегитимирана од страна на граѓаните“, изјави Костовски.