Котевски: Се обезбедуваат услови за увид во караулата Гошинце

Теренот околу караулата Гошинце, која ноќеска беше нападната, се обезбедува и се создаваат услови за непречено и безбедно одвивање на увидот, изјави попладнево портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котевски.

Во Гошинце и во околината се распоредени единици на полицијата која го обезбедува теренот.

Котевски за МИА рече дека се направени и контакти со косовските власти и оти за утре се очекува да се одржат состаноци на највисоко ниво. Комуникација и состаноци ќе има и со српските безбедносни структури.

Како што претходно денеска соопшти МВР, поголема вооружена група од 40-тина лица ноќеска во 2 часот и 30 минути ја нападнаа карулата Гошинце во близина на границата на Македонија со Косово при што биле заробени четворица полициски службеници кои биле дежурни во караулата. Министерството за внатрешни работи случајот го окрактеризира како терористички напад.