Македонија

Котромановиќ: Хрватска континуирано го поддржува членството на Македонија во НАТО

Котромановиќ: Хрватска континуирано го поддржува членството на Македонија во НАТО

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Анте Котромановиќ, хрватскиот министер за одбрана.

На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Хрватска на билатерален и на мултилатерален план, особено во сферата на одбраната и регионалната соработка.

Иванов ги поздрави досегашните заеднички ангажмани во интегративните процеси, во рамки на Јадранската повелба, и додаде дека реформите и мерките кои се преземаат во Република Македонија за унапредување на стандардите во сферата на одбраната, само ја потврдуваат нашата стратешка цел за членство во НАТО.

Во тој контекст, македонскиот претседател ги поздрави напорите за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка во сферата на одбраната, преку реализација на конкретни проекти и заеднички активности.

Министерот за одбрана Котромановиќ, истакна дека Република Хрватска континуирано и активно го поддржува членството на Република Македонија во НАТО, потенцирајќи дека нашата држава ги исполнува стандардите и високите критериуми за целосно членство.

 

Двајцата соговорници, разменија мислења и информации за состојбите во регионот, и разговараа за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија, на Република Хрватска и на земјите од регионот, во поглед на соочување со заканата од насилниот екстремизам и радикализам.