Ковачиќ потврди дека не мрда од Џузепе Меаца

И покрај големиот интерес за неговите услуги, репрезентативецот на Хрватска и фудбалер на италијанскиот калчо гигант Интер, Матео Ковачиќ откри дека не планира да си замине од “Џузепе Меаца” за време на летниот преоден рок.

„Новинарите мораат да пишуваат се и сешто, само така се актуелни. Точно дека сум многу млад, но веќе научив дека новинарите имаат потреба од некаква сензација и тоа секој ден. Јас не се замарам со тие новинарски текстови, во кои се пишува за мојата иднина, за тоа дека има голем интерес за моите услуги. Јас имам договор со Интер до 2017 година и во мојата иднина има место само за Интер. Многу сум среќен во Милано и среќен сум што сум дел од овој голем клуб. Сега сакам да бидам уште подобар фудбалер, сакам да напредувам, сакам да му помогнам на мојот тим да забележи уште подобар резултат. Се уште сум млад, се е пред мене, се уште се адаптирам на новата средина. Знам дека и клупските челници се задоволни од мојата работа, а тоа е најважно,” изјави младиот играч за врска.